НБРМ: Ликвидноста на банки се зголемува со поумерена динамика

17

nbrm-logo-pocetna

Во март, ликвидноста на банките продолжи да се зголемува, со поумерена динамика и главно под влијание на сезонски пониската побарувачка за готовина во економијата, стои во соопштението на Народната банка на Република Македонија.

Со оглед на постојаниот раст на ликвидните средства во изминатиот шестмесечен период, Народната банка во март повлече значителен дел од вишокот ликвидност преку основниот инструмент ‒ благајничките записи. Стерилизирањето на структурниот вишок средства преку благајничките записи придонесе за намалување на пласманите на банките во расположливите депозити кај Народната банка, со што нивната застапеност во однос на основниот инструмент се сведе околу историскиот просек од 25%. Заради надоместување на краткорочните потреби за ликвидност, банките во март имаа зголемена активност на пазарите на пари, каде што покрај со необезбедени депозити, се тргуваше и на секундарниот пазар на хартии од вредност, преку склучување дефинитивни и репо – трансакции.

Од аспект на банкарскиот систем, првичните податоци за март 2017 година покажуваат речиси непроменето штедење на населението во првиот квартал во однос на крајот на 2016 година. При умерен месечен раст во јануари и февруари, ваквите остварувања го одразуваат намалувањето на депозитите на населението во март.

Од друга страна, депозитите на претпријатијата во март забележаа месечен раст, но недоволен за надоместување на намалувањето кај населението. Ваквите остварувања доведоа до забавување на годишниот раст на депозитите, но нивното ниво заради добрите остварувања на крајот на 2016 година е повисоко во однос на очекувањата за крајот на првиот квартал. Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со март покажуваат раст на кредитите на месечна и на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на секторот население. Сепак, последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција.

Податоците за девизните резерви во март покажуваат пад во однос на крајот на 2016 година, во еден дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели за адекватноста на девизните резерви укажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината се достапни податоци за менувачкиот пазар за првиот квартал, коишто упатуваат на малку пониски нето-приливи од приватните трансфери во однос на очекувањата. Воедно, и последните расположливи податоци за надворешната трговија за првите два месеца од 2017 година упатуваат на отстапување, односно на малку повисок трговски дефицит во однос на очекуваниот. Сепак, краткиот период и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за целото тримесечје.

Во март, банките во трансакциите со клиентите на девизниот пазар остварија нето-продажба на девизи, којашто главно е одраз на сезонски повисоката побарувачка за девизи од страна на фирмите. Банките ја надоместија побарувачката за девизи од сопствени извори, што услови неутрална позиција на Народната банка во интервенциите на девизниот пазар. Со остварувањата во март, во првиот квартал од годината интервенциите на Народната банка на девизниот пазар се однесуваат на умерен нето откуп на девизи од банките поддржувачи во износ од 2,8 милиони евра, наспроти нето-продажбите од 17,2 милиона евра во истиот период 2016 година. Овие подобри остварувања се забележани и покрај повисоката нето-продажба на девизи за потребите на клиентите, главно фирми и нерезиденти, којашто целосно беше надоместена од добрата девизна ликвидност на банките.