НБРМ: Најголем дел од кредитите во март одобрени на секторот население

21

Најголем дел од кредитите во текот на март оваа година се насочени кон секторот население, а умерен раст бележат и корпоративните кредити, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Македонија.

“Првичните податоци за кредитниот пазар за март 2016 година покажуваат натамошен месечен раст на кредитите, којшто изнесува 0,9% на месечна основа и е малку побрз во споредба со претходниот месец. Најголемиот дел од кредитите се насочени кон секторот население, а умерен раст бележат и корпоративните кредити. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во март изнесува 8,4% и е умерено над проекцијата за првиот квартал на 2016 година. Во однос на депозитниот потенцијал, вкупните депозити растеа и во март 2016 година, при што нивната годишна динамика е над очекувањата за првото тримесечје во рамки на октомвриските проекции“, стои во соопштението на НБРМ.

Во домашната економија, автономните фактори придонесоа за умерен пад на ликвидноста на банките, поради што банките го намалија вишокот ликвидни средства пласирани во монетарните инструменти. Воедно, банките ги обезбедија дел од потребните ликвидни средства и на пазарите на пари, каде што покрај со меѓубанкарски заеми, активно се тргуваше и со краткорочни хартии од вредност.

Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика како во рамки на октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватното ниво.

Основите на економијата и натаму се солидни. Ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување. Во однос на надворешните фактори, тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, евентуалното оддолжување на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата заради поголема воздржаност на домашните и странските субјекти.