НБРМ: Одржана 27-та сесија на Клубот на истражувачи

10

1-klub-na-istrazhuvachi

На седми овој месец во Народната банка на Република Македонија се одржа 27-та сесија на Клубот на истражувачи, на којашто, по отворање на Клубот од страна на вицегувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, беа презентирани истражувачките трудови: Извозната структура и економскиот раст, случајот на земјите од Западен Балкан на Бојан Шимбов и Истражување на кредитната монетарна трансмисија во Македонија: докази од моделот на векторска корекција на грешките на Милан Елисковски, стои во соопштението.

Во трудот на Шимбов се разгледува ефектот од структурните промени коишто ги спроведоа земјите од Западен Балкан во изминатите дваесетина години и нивното влијание врз производната и извозната структура и економските остварувања.  Анализата е направена врз основа на индексот на софистицираност на извозот (Hausman et al. (2007), а се анализира периодот од 1996 до 2015 година. Добиените резултати презентирани на оваа сесија на Клубот на истражувачи покажуваат дека подобрената извозна софистицираност има позитивно влијание врз економскиот раст на овие земји. Исто така, презентираните наоди покажуваат дека овој процес не произлегува од унапредувањето на нивото на производство на производите за извоз, со понапредно ниво на технологија и вештини во вкупниот износ, туку првенствено е поврзан со производите  произведени со средно ниво на технологија и вештини. Резултатите до коишто има дојдено Шимбов, покажуваат и дека овој процес, во значителна мера зависи од учеството  во меѓународни производни мрежи и присуството на странски фирми.

Во презентираниот труд на Елисковски, тема на истражување е монетарната кредитна трансмисија во Република Македонија, односно ефектите од монетарните сигнали на Народната банка врз кредитирањето на банките. Кредитната трансмисија, Елисковски ја анализира преку нејзината тесна природа позната како банкарски канал за кредитирање. За да се објасни како функционира каналот за кредитирање на банките во Македонија, во презентираниот истражувачки труд се разгледуваат и економетриски се тестирааат два теориски модела – првиот е традиционалниот банкарски канал, објаснет во моделот на Бернанке и Блиндер, а вториот е моделот на кредитно ограничување, објаснет од Стиглиц и Вајс. Економетриската методологија применета во овој труд е позната како модел на векторска корекција на грешките, соодветна за емпириско тестирање засновано врз временски серии. Емпириските резултати до кои е дојдено при истражувањето прикажано во трудот на Елисковски, покажуваат дека моделот на Стиглиц и Вајс подобро го објаснува однесувањето на банките во Република Македонија. Поконкретно, тие доведуваат до заклучок дека кај банкарскиот сектор има одбивност кон ризиците заради што ги ограничува кредитите со цел да не се влоши неговата профитабилност. Во презентацијата на трудот беше потенцирано дека како резултат на истражувањето е дојдено до констатација дека според Елисковски, монетарните рестриктивни сигнали јасно влијаат на банките за да го ограничат кредитирањето, додека монетарните експанзивни сигнали треба да бидат поддржани од поволната билансна структура на банките, како и од поволните макроекономски услови за да се поттикне кредитирањето.

Во рамки на сесијата, меѓу присутните истражувачи се водеше и дискусија поттикната од изложените истражувачки резултати од трудовите на Бојан Шимбов и Милан Елисковски.

Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во март следната година.