НБРМ: Олеснување на условите за отворање и имање на сметки во странство

95

Советот на Народната банка на Република Македонија, на втората седница, донесе нова Одлука за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

“Во Одлуката се содржани одредби со кои се олеснуваат и се доуредуваат начинот и условите за отворање и имање сметки во странство, и тоа за неколку категории резиденти: дипломатски, конзуларни и други претставништва на Република Македонија во странство, физички лица со постојано место на живеење во Република Македонија, коишто привремено престојуваат во странство шест месеци или повеќе, странски физички лица кои привремено престојуваат во Република Македонија и физички лица кои во исто време имаат и важечка странска патна исправа“, се вели во соопштението на НБРМ.

Значајна новина, како што се наведува, е и тоа што резидентите што се физички лица можат средствата од сметката да ги пренесат во Република Македонија и по истекот на рокот на важност на документот за престој или за работа во странство, како и документот за стекнати права. Новата одлука ја олеснува и наплатата на средствата стекнати во странство за коишто постои законита основа за нивното стекнување.

На денешната седница Советот донесе и нова Одлука за начинот на којшто резидентите отвораат девизни сметки, заради усогласување со останатата законска регулатива и олеснување на начинот на кој резидентите отвораат девизни сметки. Меѓу другото, документацијата за отворање девизна сметка се усогласува со постоечката документација предвидена за отворање трансакциска сметка, се прецизира востановувањето на интерните одредби што банките се должни да ги донесат и коишто се однесуваат на девизните сметки, а се овозможува и отворање една или повеќе повеќевалутни сметки од страна на еден резидент.

Советот, на вчерашната седница, донесе и нова Одлука за начинот и условите за отворање и водење сметки на нерезиденти. Во Одлуката се содржани одредби со кои се олеснуваат и се доуредуваат начинот и условите за отворање и имање сметки на нерезиденти, а таа се донесува и заради усогласување со останатата законска регулатива. Се предвидуваат и задолжителни рокови во кои банката ќе врши ажурирање на податоците на нерезидентот, како и можност за отворање една или повеќе повеќевалутни сметки, вклучително и во денари, од страна на еден нерезидент.

На седницата беше донесена и Одлуката за условите и начинот под кои резидентите можат да вршат наплата и плаќање во ефективни странски пари во трансакциите со нерезиденти. Со оваа одлука се врши олеснување и поедноставување на начинот и условите за наплата и плаќање во ефективни странски пари. Олеснувањето и поедноставувањето главно се однесуваат на документацијата којашто се поднесува до домашната деловна банка.

Советот на својата втора седница ги разгледуваше и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија и Годишната сметка за 2015 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.

Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија, од сите материјални аспекти, објективно ја претставуваат финансиската состојба на Народната банка на Република Македонија на 31 декември 2015 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

Советот ја донесе и Одлуката за доставување податоци за извршени активности во платниот промет. Со оваа одлука се пропишуваат обврската за доставување податоци за извршените активности во платниот промет, содржината, начинот и роковите за доставување на податоците до Народната банка од страна на известувачите обезбедувачи на платежни услуги и операторите на платните системи. Со оваа одлука ќе се обезбеди изготвување квалитетни податоци за платежната статистика, коишто ќе бидат во согласност со барањата на Регулативата за платежната статистика бр. 1409/2013 на Европската централна банка и ќе се овозможи методолошка и оперативна подготвеност на платежната статистика на Народната банка, како идна членка во Европскиот систем на централни банки.

Советот ја разгледа и ја усвои и Одлуката за изменување на Одлуката за менувачки работи, со којашто се постигнува усогласување со други прописи, а воедно се доуредуваат одредбите за изготвувањето на записникот за утврдената состојба од извршениот  надзор.