НБРМ: Поголема ликвидност на банкарскиот систем во ноември

Расположливите податоци заклучно со ноември упатуваат на повисоко ниво на ликвидност на банкарскиот систем во споредба со претходниот месец, покажува извештајот на Народната банка на Република Македонија за најновите макроекономски показатели.

“Анализирано по индивидуални фактори, трансакциите на државата придонесоа за повлекување на ликвидност, додека монетарните инструменти на НБРМ (главно преку расположливите депозити на седум дена) и во помал дел готовите пари во оптек, предизвикаа креирање ликвидни средства во банкарскиот систем“, стои во извештајот.

Во текот на октомври, како што се наведува, вкупните депозити забележаа месечно зголемување и тоа засилено во однос на претходниот месец. Растот на депозитната база во најголем дел произлегува од повисоките депозити на претпријатијата, при умерен раст на депозитите на домаќинствата и на останатите финансиски институции.

Годишната стапка на раст на вкупните депозити на крајот на октомври изнесува 6,5%, што е над проекцијата за четвртиот квартал на 2015 година. Во споредба со крајот на септември, вкупните депозити се повисоки за 2.814.000.000 денари, што е 51,7% од проектираниот раст за четвртиот квартал.