НБРМ: Пораст на ликвидноста на банките во првиот квартал

13

Ликвидноста на банките, во текот на првиот квартал, се зголеми за 3.312.000.000 денари во однос на крајот на 2015 година.

“Во рамки на анализираниот период, автономните фактори, на нето основа предизвикаа пораст на ликвидноста на банките за 1.450.000.000 денари. Анализирано поединечно, трансакциите на државата, во услови на исплата на субвенции, придонесоа за раст на ликвидноста во износ од 1.745.000.000 денари. Во иста насока делуваше и падот на готовите пари во оптек (за 400 милиони денари), додека ефектот од девизните интервенции на НБРМ (продажба на девизи на банките поддржувачи) беше намалување на ликвидноста на банките“, стои во Кварталниот извештај на Народната банка на Македонија.

Вкупниот депозитен потенцијал на банките во првото тримесечје на 2016 година и натаму расте на квартална основа, но значително побавно (забавување на растот од 4,6% во декември на 0,1% во март 2016 година), како последица на приспособувањето кај сите компоненти.

Вкупните депозити на домаќинствата забележа квартален раст од 0,8%, што претставува забавување во однос на динамиката од претходниот квартал.

Во текот на првиот квартал, како што стои во извештајот, забележано е квартално намалување на корпоративните депозити од 1,7%, наспроти растот од 12,7% во четвртото тримесечје.

Кога станува збор за кредитната активност на банкарскиот сектор, таа расте и во првиот квартал, но со забавено темпо. Кварталната стапка на раст на вкупните кредити на приватниот сектор изнесува 0,1% на крајот на март, во споредба со остварената стапка од 4,2% на крајот на декември минатата година.

Во пресметковниот период, кредитирањето на секторот домаќинства и натаму расте, со исто темпо како и во претходниот квартал (квартално зголемување од 2,5%). Од друга страна, корпоративните кредити забележаа квартално намалување од 1,8%, наспроти силниот раст од 5,7% во претходниот квартал.