НБРМ: Продолжи да се намалува ликвидниот потенцијал на банките во јули

14

nbrm-2

Во текот на јули, ликвидносниот потенцијал на банките на домашните пазари продолжи да се намалува, главно под влијание на сезонски фактори поврзани со зголемената побарувачка на денарска готовина во период на годишните одмори, беше истакнато, меѓу другото, на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

Банките, како што се наведува, ги надоместија потребните ликвидни средства преку намалување на пласманите во краткорочните монетарни инструменти кај Народната банка, а значаен дел беше неутрализиран и со тргувања на пазарот на пари. Притоа, во јули банките имаа релативно висока трговска активност на пазарот со меѓубанкарски депозити со рочност до една недела, а дополнително, дел од потребната ликвидност банките ја обезбедија и преку тргување со хартии од вредност на секундарниот пазар.

Финалните монетарни податоци со јуни 2017 година покажуваат зголемување на вкупните депозити на месечна основа (за 0,8%), наспроти нивното намалување во текот на претходните пет месеци. Месечниот раст, речиси, во целост се должи на зголемувањето на депозитите на домаќинствата, а умерен придонес кон месечниот раст имаа и корпоративните депозити. Вкупните депозити остварија раст од 7,6% на годишна основа, што сѐ уште е под проекциите за второто тримесечје, но овој јаз постепено се стеснуваше во текот на кварталот. Кредитната активност и во јуни продолжи да расте со солидно темпо, при раст на кредитната поддршка и на корпоративниот сектор и на населението. Годишниот раст на кредитите на крајот на јуни изнесува 5,8% (со изолиран ефект од регулаторни промени) и е над очекуваниот за второто тримесечје на 2017 година.