НБРМ: Продолжи да се зголемува ликвидноста во банкарскиот систем

14

nbrm-logo-pocetna

Во февруари, пет месеци по ред, продолжи зголемувањето на ликвидноста во банкарскиот систем, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето откуп на девизи, соопштуваат од НБРМ.

Во февруари, на девизниот пазар, како што се наведува, се воочуваат вообичаени сезонски движења кај понудата и побарувачката од клиентите на деловните банки, при што нето продажбата на девизи којашто банките ја остварија беше на минатогодишното ниво. Сепак, во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи, што услови откуп на девизи на Народната банка во трансакциите со банките поддржувачи.

Во околности на натамошен раст на вишокот на денарски ликвидни средства, банките повторно го зголемија износот на пласирани средства во расположливи депозити кај Народната банка. Нивната состојба достигна високо ниво, односно 43% од износот на средствата пласирани во основниот инструмент за монетарно регулирање. Растот на потенцијалната ликвидност на банките, којашто тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. Во такви околности, како и поради тоа што банките немаат можности да инвестираат во други домашни долгорочни финансиски инструменти, на седницата беше заклучено да се повлече дел од овие средства, коишто веќе добиваат карактер на структурен вишок на ликвидност во банкарскиот систем.

Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитите на населението во банкарскиот систем. Првичните податоци за февруари 2017 година покажуваат натамошен раст на штедењето на населението, деветти месец последователно. Сепак, вкупната депозитна база во февруари повторно забележа месечен пад, како последица на намалувањето на депозитите на претпријатијата. Ваквите остварувања доведоа до забавување на годишната динамика на раст на депозитите, сепак нивото на депозитите е повисоко во однос на очекувањата.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на растот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на секторот „население”. Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција.

Податоците за девизните резерви во февруари, во однос на крајот на 2016 година, покажуваат пад, во голем дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината се достапни податоци за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари, коишто упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери што се блиски во однос на очекувањата. Исто така, и последните расположливи податоци за надворешната трговија за јануари не упатуваат на остварувања различни од проектираните. Сепак, краткиот период и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни констатации во однос на очекувањата за целото тримесечје.