НБРМ проектира раст од 2,5% за 2017 и 3,2% за 2018 година

31

nbrm-logo-pocetna

Народна банка на Република Македонија (НБРМ) очекува растот на економијата во 2017 година да биде 2,5%, а во 2018 да изнесува 3,2%.

“Растот на БДП од 2,4% во 2016 година беше во согласност со претходните очекувања, додека за 2017 се очекува негов раст од 2,5%, а во 2018 од 3,2%. Збирно гледано, и во рамки на овој циклус проекции, во периодот 2017 – 2018 година извозот останува носечкиот фактор на растот на економијата, со придонес којшто е поизразен споредено со претходните очекувања. Од друга страна, промени се направени во структурата на домашната побарувачка, пред сѐ за 2017 година, кога се очекува личната потрошувачка и понатаму да ја стимулира економијата, додека инвестициската активност би продолжила да се намалува, но со умерено темпо, спротивно на претходните очекувања. Сепак, во 2018 година се очекува солиден раст на инвестициите. Се очекува придонесот на јавната потрошувачка кон растот на економијата во 2017 година и во 2018 година, во просек, да биде неутрален“, стои во соопштението на НБРМ.

Кредитната активност на банкарскиот сектор и во текот на 2017 и 2018 година, како што се наведува, се очекува да го поткрепува економскиот раст. Во 2017 година се очекува тој да изнесува 5,6%, а во 2018 година, 6,7%. Оцените за забрзување на кредитниот раст во 2018 година се засноваат врз очекувањата за постабилна средина и раст на депозитната база, што во услови на поволна капитална и ликвидносна позиција на банките ќе создаде простор за зголемено кредитно финансирање.

По умереното намалување на цените во изминатите три години, во 2017 и 2018 година се очекува постепено нормализирање на инфлацијата на 1,3% и 2%, соодветно, заради што споредено со претходниот циклус проекции, не се направени промени. Оцените за раст на инфлацијата ги одразуваат сегашните очекувања за раст на светските цени на храната и енергијата и повисока странска ефективна инфлација. Позитивен ефект врз инфлацијата се очекува и од домашната побарувачка, во услови кога производниот јаз е оценет како умерено позитивен во текот на целиот период на проекции.