НБРМ: Раст на БДП од 3% во третиот квартал

16

Споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамки на минатогодишниот октомвриски циклус проекции, не упатува на позначајни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Податоците за економската активност за третото тримесечје од 2018 година покажаа раст на БДП од 3%, што е малку подобро во однос на очекувањата, меѓу другото беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – декември 2018 година упатуваат на поповолни поместувања во економијата во четвртиот квартал, при забрзан раст на активноста во индустријата и прометот во трговијата, како и висок раст на извршените градежни работи, наспроти нивниот пад во третиот квартал на минатата година. Со оглед на тоа, податоците укажуваат на натамошно закрепнување на економијата.

Во однос на инфлациските движења, остварената годишна стапка на инфлација од 1,5% за 2018 година соодветствува со октомвриската проекција, додека оцените за движењето на поголем дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Сепак, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 2% засега се оценуваат како урамнотежени.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка. Растот на девизните резерви во јануари 2019 година, засега е малку поумерен во однос на проектираниот раст за првиот квартал, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека девизните резерви и натаму се одржуваат во сигурната зона. Според досегашните расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври – декември 2018 година укажуваат на остварување подобро трговско салдо во однос на очекувањата.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за јануари 2019 година покажуваат месечно намалување и на депозитите и на кредитите, што претставува вообичаено поместување за овој месец од кварталот и засега не упатува на позначително отстапување на движењата на овие агрегати од проекциите. На годишна основа, растот на депозитите во јануари го надминува проектираниот годишен раст за крајот на првиот квартал од годината, додека годишниот раст на кредитирањето засега е малку понизок во однос на проектираниот.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, домашните банки имаа релативно ниска трговска активност на пазарите на пари, при натамошно зголемување на денарската ликвидносна позиција на банкарскиот систем. Растот на ликвидните средства на банките во овој период во најголем дел е одраз на сезонски пониската побарувачка за денарска готовина од страна на правните и физичките лица по новогодишните и божиќните празници.

На девизниот пазар, при сезонски висока понуда на девизи од менувачниците во декември минатата година,  банките насочија дел од вишокот девизни ликвидни средства кон Народната банка којашто интервенира со умерен откуп, од 2 милиона евра на почетокот на јануари годинава. До крајот на минатиот месец, со оглед на повисокиот месечен пад на понудата на девизи кај менувачниците и на падот на побарувачката за девизи кај корпоративниот сектор, банките остварија нето-продажба на девизи за нивните клиенти, наспроти нето-откупот во декември, што е вообичаено за овој месец од годината. Банките ја надоместија нето-побарувачката за девизи од сопствени извори, но и преку тргување на меѓубанкарскиот девизен пазар.

Во текот на јануари и првата седмица од февруари, банките ги неутрализираа краткорочните промени кај денарската ликвидност преку приспособување на пласманите во расположливите депозити преку ноќ кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата.