НБРМ: Раст на вкупната актива на банкарскиот сектор во вториот квартал

11

Вкупната актива на банкарскиот сектор забележа раст во вториот квартал од оваа година, во услови на побрз раст на кредитите на нефинансиските субјекти, отколку на нивните депозити, беше истакнато на 14-тата седница на Советот на Народната банка на Македонија (НБРМ).

Кредитната активност, како што се наведува, се финансираше преку користење на ликвидните средства на банките, односно со намалувањето на нивните пласмани кај други банки и финансиски институции. Зголемена кредитна поддршка имаше и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор, особено кај првите. Вкупните депозити на банкарскиот сектор и натаму растат, но поради внатрешните политички случувања и должничката криза во Грција, тој раст беше помал кај домаќинствата. Зголемувањето на депозитите во банките произлезе од новите денарски депозитни средства на корпоративниот сектор, коишто воедно придонесоа и за намалувањето на рочноста на депозитниот потенцијал.

Зголемената кредитна активност на банките доведе до мало намалување на учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити, на 11,5%, движејќи се во рамките на вообичаеното ниво за последните две години, помеѓу 11% и 12%. Кај претпријатијата ова учество се зголеми минимално на 16%, заради побрзиот раст на нефункционалните кредити во однос на кредитната поддршка. Кај домаќинствата, стапката на нефункционалните кредити и натаму се намалува, под влијание на забрзаниот кредитен раст, главно кај кредитите наменети за потрошувачка. Поради високата покриеност на вкупните нефункционални кредити со издвоената исправка на вредноста, веројатноста сопствените средства на банките да бидат погодени од евентуалното остварување на кредитниот ризик е мала.

Ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија и натаму е  стабилна и е на задоволително ниво и покрај користењето на ликвидните средства на банките, коешто се зголеми во вториот квартал од 2015 година. Благото намалување на показателите на ликвидноста беше поизразено кај показателите за денарската ликвидност, но предизвика поместување во структурата на средствата и обврските според преостаната рочност, поточно намалување на средствата со помала преостана рочност и намалување на обврските со поголема преостаната рочност.

Стабилната солвентност на банкарскиот систем дополнително зајакна. Во вториот квартал од 2015 година, стапката на адекватност на капиталот благо се зголеми на 16,2%, при што порастот на сопствените средства на банкарскиот сектор беше главниот фактор за зголемувањето. Профитабилноста и натаму има позитивен тренд, најмногу како резултат на депозитните каматни стапки, коишто опаѓаа и во вториот квартал од 2015 година. Токму стеснетиот простор за натамошно кратење на депозитните каматни стапки се очекува дека ќе претставува значаен предизвик за профитабилноста на банките во наредниот период.

Советот на денешната седница ја донесе и Одлуката за начинот и условите за евидентирање и поднесување извештаи за склучените кредитни работи. Се предвидува дека со Одлуката, којашто замени две претходни одлуки, ќе се поедностави процедурата за евиденција на кредитните работи со нерезидентите, што ќе претставува намалување на товарот за известување, како и рационализација на работењето во Народната банка. Воедно, со намалувањето на обемот на документацијата потребна за поединечно евидентирање на кредитната работа со странство се постигнува целта таа евиденција да биде одредена како статистичка, а тоа е пред сѐ за потребите на официјалните статистики на државата.

Советот го разгледа и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во првото полугодие од 2015 година, при што беше утврдено дека Ревизорската програма за работа беше остварена во целост.

На седницата Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели Димитар и Елена од серијата Ден на ангелот. Овие ковани пари се со апоен од 100 денари, изработени во 5.000 парчиња.