НБРМ: Расте бројот на нефункционални кредити во третиот квартал

15

Во третиот квартал од оваа година, растот на нефункционалните кредити забрза и нивното учество достигна 12,2%, беше утврдено на седницата на Советот на Народна банка на Македонија (НБРМ), каде што беше разгледуван извештајот за ризиците во банкарскиот систем за третиот квартал.

“Сепак, адекватноста на капиталот која изнесува 16,5%, како и високата покриеност на сопствените средства со издвоената исправка на вредност, значи дека банкарскиот сектор и натаму е солвентен и отпорен на хипотетички шокови. Во услови на позитивни економски движења, а поаѓајќи од постојната структура и кредитно портфолио на банките, како и од ниската ризичност на кредитите кои достасуваат во наредната година, не се очекува позначително натамошно зголемување на нефункционалните кредити“, стои во соопштението од НБРМ.

На седницата, меѓу другото, беше заклучено дека закрепнувањето на домашната економија позитивно влијаеше на деловните банки. Депозитите на нефинансиските лица забрзано растеа, додека растот на кредитирањето забави, за сметка на зголемувањето на ликвидната актива. Сепак, годишните промени покажуваат забрзан раст и на кредитите. Заедно со заживеаното кредитирање во октомври 2014, промените упатуваат на тоа дека деловните банки очекуваат постепено подобрување во профилот на ризик на кредитната побарувачка, како и на подобрени преносни ефекти од досегашното монетарно олабавување. Позитивниот тренд на промени во валутниот профил на изворите на средства и пласмани на банките продолжи и во 2014 година.

“Депозитите на нефинансиските лица забрзано растеа, додека растот на кредитирањето забави, за сметка на зголемувањето на ликвидната актива. Сепак, годишните промени покажуваат забрзан раст и на кредитите. Заедно со заживеаното кредитирање во октомври 2014, промените упатуваат на тоа дека деловните банки очекуваат постепено подобрување во профилот на ризик на кредитната побарувачка, како и на подобрени преносни ефекти од досегашното монетарно олабавување. Позитивниот тренд на промени во валутниот профил на изворите на средства и пласмани на банките продолжи и во 2014 година“, стои во соопштението на НБРМ.

И на крајот на третиот квартал, како што се истакнува, ликвидната актива овозможува задоволителна покриеност на краткорочните обврски на банките. Профитабилноста на банкарскиот систем продолжи да се подобрува, а за тоа најмногу придонесоа намалените каматни расходи и намалената исправка на вредноста на финансиските средства на банките. Основните показатели за профитабилноста на банките, повратот на активата и капиталот се двојно зголемени и изнесуваат 0,9% и 7,6% соодветно. Исто така, видно е подобрена и оперативната способност на банките за создавање приходи коишто ги покриваат расходите од нивното работење.

На седницата беше усвоена и Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2015 година.

На денешната седница Советот на НБРМ ја усвои и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија. Кованата пара е со апоен од 100 денари во 5.000 парчиња.