Нефункционалните кредити зголемени за 2,5 пати во последните шест години

56

presmetuva

Нефункционалните кредити во банкарскиот систем во Македонија се зголемија за 2,5 пати од крајот на 2008 година до 30.06.2014 година, се вели во Извештајот на Народна банка на Македонија – Ниво на концентрација и структурни карактеристики на нефункционалните кредити во банкарскиот систем во Македонија.

“Истовремено, нивното учество во вкупните кредити бележи раст од 5,9% на 10%. Позначително зголемување на нефункционалните кредити во анализираниот период се поврзува со негативните ефекти од глобалната финансиска криза коишто беа особено почувствувани во домашната економија, во 2008 и 2009 година“, се вели во Извештајот.

presmetuva 123

Најголем дел од нефункционалните кредити – 78%, отпаѓаат на кредити коишто се одобрени на компаниите. Меѓу нив, највисоко учество имаат кредитите одобрени на компании од преработувачката индустрија (36%). Вкупно 26,6% од нефункционалните кредити доаѓаат од компании што се занимаваат со трговија на големо и мало и 9,5% од фирми во градежниот сектор. Овој сектор има најголем процент – 72,1%, од нефункционалните кредити одобрени на секторот претпријатија.

Кога станува збор за домаќинствата, најголемо учество во нефункционалните кредити или 46,5% отпаѓаат на потрошувачките, со 23,5% се застапени кредитите издадени на основа на издадени кредитни картички, додека 12,5% зафаќаат кредитите за набавка и реновирање на станбен простор. Овој вид на кредити има најголем процент, односно 82,5% од нефункционалните кредити во секторот домаќинства.

На 30.06., 64,5% од износот на нефункционалните кредити кон правни лица отпаѓаат на клиенти со кредити поголеми од еден милион евра.

neplaten kredit

Кога станува збор за нефункционалните кредити кај физичките лица, најзастапени се оние издадени на кредитни картички и оние што се наменети за потрошувачка во износ од 1.000 до 5.000 евра, но се забележуваат и кредити со прилично високи поединечни износи кон одделни физички лица.

Меѓу нефункционалните кредити наменети за набавка и реновирање на станбен простор, најзастапени се кредити со износ од над 25.000 евра.

Кога станува збор за валутата во којашто се издадени кредитите, учеството на денарските нефункционалните кредити постепено се намали од 60% на крајот на 2008 година, на ниво од 46,7% на 30-ти јуни минатата година. Во исто време, се намали учеството и на девизните нефункционални кредити, од 27,2% во 2008 на 20,9% на крајот на првото полугодие од 2014 година.

debt

“Учеството на денарските нефункционални кредити со девизна клаузула се зголеми за 2,5 пати и на 30.06. достигна ниво од 32,5%. Од аспект на конкретната валута во која гласи вредноста на кредитот или неговата девизна клаузула, најзастапени се нефункционалните кредити номинирани во евра со 52,1%  и денарските нефункционални кредити со 46,7%, на кои заедно отпаѓаат околу 99% од вкупните нефункционални кредити“, се наведува во Извештајот на НБРМ.

Околу три четвртини од нефункционалните кредити во пресметковниот период се одобрени на долг рок. Според максималната должина на периодот на доцнење на клиентите во отплаќањето на обврските врз основа на кредитите, најголемо е учеството на нефункционалните кредити каде што максималниот број на денови на доцнење се движи од 91 до 365 дена.