Нема скијање во Италија за Божиќ

38

Ништо од скијањето за време на Божиќните и новогодишните празници, им порача на граѓаните италијанскиот премиер, Џузепе Конте.

Тој за телевизијата La7, изјави дека епидемиолошката ситуација не дозволува собири ниту на чист воздух во скијачките центри, затоа што на тој начин ќе се повтори грешката од летото кога после првиот бран од пандемијата летувалиштата беа преполни со туристи, што резултираше со експоненцијално ширење на коронавирусот.

Премиерот Конте исто така порача дека заедно со неговите колеги, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, планира усвојување на единствен протокол на правила кои ќе важат за трите земји во зимската сезона.

Весникот La Stampa потсетува на случаите од почетокот на годината кога Италијанците кои не можеа да скијаат во земјата затоа што скијачките центри беа затворени, масовно ги посетуваа австриските ски центри, што доведе до ширење на заразата во двете земји.

На веста дека овогодишната скијачка сезона нема да биде како претходните години, се побунија претседателите на северните италијански региони каде се наоѓаат најпознатите скијачки центри.

Затворените скијачки центри се огромен удар за зимскиот туризам и ќе донесат загуби од десетина милиони евра колку што туристите трошат само во текот на Божиќните празници на крајот од годината.

Фото: Freepik