Незавршена работа

49

lista

Фото: Pixabay

Секоја незавршена работа предизвикува опаѓање на нашата енергија, преоптовареност на мислите и апатичност кон останатите животни сфери.

Секојдневно имаме впечаток дека работните обврски ја “прелеваат чашата”, а истовремено немаме начин како тоа да го промениме. Дури, во најлоши случаи го игнорираме овој факт и не преземаме ништо конкретно, туку продолжуваме неразумно да работиме со илузија дека еден ден сите задолженија ќе ги завршиме. Но, доколку не направиме план и паметна анализа на работата, тоа нема веројатност да се случи.

Кога велам незавршена работа мислам на сите мали и големи нешта кои од нас се очекуваат. Истиот принцип го користиме и во приватниот живот, кога работите кои може да ги направиме денес, ги оставаме за утре.

За да се ослободиме од агонијата наречена “премногу работа” добро е најнапред да истражиме што се очекува од нас. Иако при вработувањето тоа јасно било дефинирано, со тек на време задолженијата го зголемиле својот обем. Виновникот за ваквата сегашна состојба потребно е да го побараме во самите себе и воедно да ја преземеме одгворноста и да ја покренеме иницијативата за промена.

Промената настанува на следниов начин:

  • Погледнете во описот на работното место од формалната документација и направете споредба колку сегашната состојба отстапува од истиот. Постепено активностите се зголемуваат и ја губиме конкретната смисла на работното место. Идентификација на клучните цели и приоритети од работниот опис може повторно да даде смисла;
  • Разјаснете ги и изедначете ги приоритетите со претпоставениот. Добар начин да се вратите во колосек е да разговарате со оној кој ги дава задачите и да побарате од него прецизна проценка на приоритетите;
  • Поставувајте краткорочни цели, на дневно ниво. Планот за денешниот ден потребно е да биде реален, со цел лесно да го реализирате што ќе помогне во намалување на анксиозноста и зајакнување на мотивациските сили на индивидуално ниво;
  • Набљудувајте ги најуспешните работници и воочете како тие се справуваат со работните задачи. Доколку не посетувате обуки редовно, добар начин е да учите од луѓето кои тоа успешно го прават;
  • Направете план што е најважно, а што е помалку важно. Концизност во работењето може да биде од корист кога ќе забележите дека работното место станува хаотично.
  • Бидете креативни и употребувајте хумор. Креативноста од ништо прави нешто, а хуморот од нешто прави ништо.

Лесно е да забележиме дека работата го оптоварува нашиот живот, помалку лесно е да стекнеме увид како дошло до тоа, но воопшто не е лесно да направиме промена. Предуслов за подобрување на состојбата, покрај погоре кажаното, се и нашите лични, карактерни особини. Тука спаѓаат самодовербата, препознавање на личните ограничувања, големата амбиција, потребата за одобрување од другите, трпеливоста, толеранцијата, емпатијата итн. Најнапред да ја разбудиме свесноста дека сами сме одговорни за тоа што го правиме и промената да почне од нас.

Доколку се двоумите како да ги редуцирате задолженијата кои ви ги дава претпоставениот, би било добро да се потсетите на текстот  http://bi.mk/imam-pravo-da-kazham-ne/, а доколку се прашувате колку е прифатлив ваквиот деловен живот, потсетете се на http://bi.mk/delovno-scenario-neka-bide-pobednichk/.

За да ја работите работата најдобро што знаете и да постигнете успех во истата, за да се чувствувате реализирани и среќни без незавршени задолженија, би било добро да го намалите времето кое го трошите на неважни работи и да направите план на оние кои се приоритетни.