Ниту еден предизвик не е пречка за развој ако има волја за работа, претприемачки дух и партнерска поддршка

156
Кирил Колемишевски, сопственик на адвокатско друштво Колемишевски и партнери и в.д. директор на МБПР

Ниту еден предизвик или проблем не претставува пречка за развој сè додека постои волја за работа, претприемачки дух и меѓусебна партнерска поддршка, вели Кирил Колемишевски, сопственик на адвокатското друштво Колемишевски и партнери и вршител на должност Генерален извршен директор на Македонска банка за поддршка на развојот, во интервју за Бизнис Инфо.

БИ: Како поранешен член на група Нокаут, кога преовладуваше и што беше причината да се тргнете од музиката и правото да стане вашиот нов дел од животот?

Нокаут го напуштив во далечната 2002 година. Повеќе причини влијаеја на мојата одлука за таков чекор. Првата и најважната беше моето прво вработување во Комерцијална банка АД Скопје како правен референт и намерата мојот фокус да го насочам кон градење на кариера како правник, бидејќи сум дипломец на Правниот факултет на УКИМ. Од останатите, би можел да посочам дека веќе не се гледав како дел од музичката сцена во Македонија во иднина, а во исто време со дотогашниот мој ангажман во Нокаут дадов симболичен придонес за развојот на современата македонска поп музика. Особено сум горд на хитовите кои ги создаде Нокаут додека јас бев член на групата и верувам дека тие песни ќе останат како историски печат на едно поубаво, побезгрижно и повесело време.

БИ: Како дипломиран правник, која е ваша специјалност и во кој дел од правото имате најголемо искуство? И дали работите и во делот на заштита на авторските права, како поранешен музичар?

За периодот од шест години додека работев во Комерцијална банка научив многу за стопанското, имотното и процесното право, а воедно навлегов и во делот на финансискиот сектор, кредитирањето, начините на функционирање на макро и микро економскиот систем на државата, хартии од вредност и инвестиции. Би сакал да напоменам дека сум од првата генерација на лиценцирани инвестициски советници од страна на Комисијата за хартии од вредност, со положен испит во 2007 година. По напуштањето на Комерцијална банка, станав извршен директор на Друштвото за управување со отворени инвестициски фондови Мој Фонд АД Скопје и за периодот од две години додека ја извршував функцијата, подетално навлегов во финансискиот свет и преку секојдневната комуникација со партнерите и вработените во фирмата стекнав огромно искуство во делот на финансиска аналитика, проекции и планирање. Денес би можел да издвојам дека специјалноста ми се финансиското, корпоративното и стопанското право, со екстензивно искуство во градежниот, телекомуникацискиот, финансискиот и рударскиот сектор. Што се однесува за заштита на авторските права, таа чест им припадна на моите партнери во адвокатското друштво, Сандра Веловска и Предраг Ивановски, бидејќи тие се лиценцирани и задолжени за ваков вид на предмети и постапки.

БИ: Од 2011 година, го имате адвокатското друштво Колемишевски и партнери. Кои се предизвиците што ги носи оваа работа и кој успех од изминатите години би го истакнале како посебно важен?

Како и секој приватен бизнис и адвокатурата не е лесна и едноставна работа, а посебно кога се работи за адвокатско друштво кое претендира да стане едно од најдобрите во државата, преку примена на нови практики за работа, професионален пристап кон работите, обезбедена дискретност за нашите клиенти, а во исто време стручно усовршување и унапредување на знаењата на сите вработени. Познавајќи го правниот амбиент во кој функционираме сите, предизвиците се секојдневни и неретко изненадувачки, но додека ја имаме волјата за работа, претприемачкиот дух и меѓусебната партнерска поддршка, ниеден предизвик или проблем нема да претставува пречка за развојот на нашето адвокатско друштво, а со самото тоа и развојот на нашите клиенти.

БИ: Од неодамна сте на позицијата главен извршен директор на Македонска банка за поддршка на развојот. Што беше пресудно да ја прифатите функцијата и за што ќе се заложувате за време на вашиот мандат?

Во овој дел ќе мора да ве коригирам, бидејќи јас сум назначен за вршител на должност Генерален извршен директор, согласно одредбите од Законот за банки. Во Македонската банка за поддршка на развојот јас сум член на Надзорниот одбор и моментално ја вршам функцијата на извршен директор, без право на глас во Надзорниот одбор. Ова ќе трае додека не биде назначен Генерален извршен директор, во посебна постапка согласно законските прописи. По назначувањето на новиот директор мојата функција повторно ќе биде член на Надзорниот одбор со право на глас.

БИ: Дали гледате потенцијал за Ваш напредок на позиција Извршен директор и понатаму во кариерата, или ќе останете посветени на адвокатурата?

Македонската банка за поддршка на развојот во досегашното постоење доста солидно ја извршувала функцијата за која е основана, преку финансирање на развојот на македонското стопанство, финансирање на инфраструктурата, поддршка на развојот на малите и средни претпријатија, поттикнување на извозот, поттикнување на заштита на животната средина, осигурување на извозот на македонски производи и услуги од комерцијални и политички ризици и поддршка на регионалниот развој. Доколку направиме компаративна анализа со ваквите банки од регионот, банката има голем простор за да ги прошири своите активности и да го зголеми бројот на производите и услугите кои ги пружа. Нормално, за било какви структурални промени и воведување на новитети во работењето, ќе биде потребна координирана и усогласена стратегија со Владата и Министерството за финансии и јасна визија за местото на МБПР во финансискиот сектор во државата. Што се однесува до изборот за мојата понатамошна кариера, би било некоректно да се изјаснувам во овој момент.