НЛБ станува трета по големина банка во Србија според актива

83

Со денешното стекнување сопственост на 83,23% обични акции во Комерцијална банка а.д. Белград (КБ), НЛБ го направи последниот чекор во оваа важна трансакција како дел од спроведувањето на својата стратегија да стане водечка финансиска институција со главен фокус на областа што ја смета за свој дом – регионот на Југоисточна Европа.

НЛБ ги доби сите потребни дозволи за оваа трансакција, вклучително и согласноста на Европската централна банка и Народната банка на Србија. Конечната куповна цена (која вклучува и камата од први јануари 2020 година) беше 394,7 милиони евра во согласност со одредбите на договорот за купопродажба на акции (СПА) склучен со Република Србија на 26 февруари 2020 година.

“Семејствата растат и се развиваат, а нашето тргна по истиот пат. Со гордост им посакуваме топло и срдечно добредојде на нашите нови колеги од Комерцијална банка во НЛБ  Групацијата. Исклучително сме горди што овој процес на аквизиција го завршуваме во согласност со роковите дефинирани во моментот на потпишувањето на договорот. Оваа трансакција е уште една важна точка во рамките на трансформацијата на НЛБ Групацијата во регионален шампион“, изјави Блаж Бродњак, Претседател на Управниот одбор на НЛБ.

Министерот за финансии на Република Србија, Синиша Мали, при завршување на процесот изјави: “Исклучително сме среќни што оваа трансакција беше успешно завршена бидејќи тоа е важен показател за довербата на инвеститорите во Србија и покрај сите предизвици со кои се соочува светот оваа година“.

“Одлучната и навремена реакција на нашата Влада обезбеди трајна макроекономска стабилност, држејќи ги јавните финансии постојано под контрола. Благодарение на тоа, Србија го постигна најдобриот резултат во однос на економски раст во Европа и токму тоа го препозна НЛБ како сериозна финансиска институција. Сигурен сум дека, со јасна визија и стратегија, НЛБ ќе донесе свежа и позитивна енергија во нашиот финансиски сектор. Одговорно ќе ја искористиме финансиската инјекција што ја добиваме преку оваа трансакција и за отплата на некои долготрајни и скапи долгови и за нови вложувања  со цел дополнително да го поддржиме економскиот раст во Србија. Покрај тоа, со оваа инвестиција, вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Србија ќе биде скоро 3 милијарди евра на крајот на оваа година“.

“Комерцијална банка работи одлично и покрај многуте предизвици што пандемијата Ковид-19 им ги донесе на сите наши економии и општеството како целина. Затоа сум убеден дека работењето на Банката ќе биде дополнително унапредено  со приклучување кон НЛБ Групацијата која активно работи низ цела Југоисточна Европа. Ова беше комплексен процес кој бараше многу работа и експертиза, затоа сме особено среќни што успешно и транспарентно го завршивме“, додаде претседателот на Извршниот одбор на Комерцијална банка, Владимир Медан.

Фокус на клиентите и регионот од каде потекнуваме

Србија долго време беше стратешки важен пазар за НЛБ Групацијата во контекст на стратегијата да стане водечка меѓународна банка со седиште во Југоисточна Европа чиј главен фокус е токму на тој регион. Во сите држави каде што НЛБ работи држи една од првите три пазарни позиции, во Србија (која по број на жители е најголем пазар) до денес не работеше на тоа ниво.

Со оваа трансакција НЛБ станува трета најголема банкарска институција во Србија бидејќи со купувањето на КБ го зголемува пазарното учество од околу 2% вкупна актива на повеќе од 12%, според податоците од 30 септември 2020.Работењето на НЛБ Групацијата во Србија ќе биде (покрај словенечкиот пазар) најголемо и најважно бидејќи го зголемува клиентското портфолио со повеќе од 800.000 активни клиенти во сегментот население и ја проширува мрежата на експозитури на НЛБ со најголемата продажна мрежа во земјата од 203 експозитури. Преку сестринските банки на КБ банките во БиХ и Црна Гора, оваа трансакција дополнително ќе ја засили нивната моментално јака позиција и на тие два пазари.

Со аквизиција на КБ, обемот на кредитите на НЛБ Групацијата ќе се зголеми за околу 1,8 милијарди евра, а вкупните депозити за околу 3,3 милијарди евра. КБ во текот на 2019 година има остварено нето профит од околу 170 милиони евра. Во првата половина на 2020, која ја обележа Ковид пандемијата, КБ продолжи стабилно да работи и успеа да оствари нето профит од речиси 80 милиони евра. Со оваа аквизиција, НЛБ во Групацијата додава стабилна франшиза, која со своето моментално работење и со очекуваниот иден силен раст ќе ја зголеми нето добивката по акција и со тоа ќе донесе дополнителна вредност на акционерите. Коефициентите на капиталот после аквизицијата за зголемената НЛБ Групација остануваат над регулаторните барања и над целите на Управата на Банката (15,75%) со што се овозможува понатамошна исплата на дивиденда.

“Овој чекор нема да го измени целокупниот стратешки фокус на НЛБ Групацијата, ниту ќе влијае на нашата визија. Посветени сме на изградба на модерна, дигитализирана и ефикасна банка и на тој начин да станеме водечка банка на српскиот пазар до 2025 година. Ќе продолжиме да ја поддржуваме пошироката заедница и нашата цел е да придонесеме за подобар квалитет на живот во регионот преку одговорен и одржлив пристап во работењето, како и преку улогата која ја имаме во општеството како системска институција. Заедно, ќе бидеме една од најзначајните компании. За нас, овој регион не е само уште една точка на мапата. Ние го доживуваме како свој дом”, истакна претседателот на Управата на НЛБ.

Нема промени во редовното банкарско работење кај нивните клиенти

НЛБ и КБ, во сите земји каде што се присутни двете банки, ќе продолжат да работат како посебни банки до законското спојување. НЛБ ќе биде фокусирана на што понезабележливо спроведување на  процесите на интеграција со цел да се обезбеди непречена транзиција  и истовремено да се задржи фокусот кон клиентите и нивните потреби, вработените и сите други засегнати страни.

На краток рок нема да има промени во редовното работење на нивните клиенти. Тие ќе продолжат да ги користат сите нивни услуги непречено, а сите депозити, кредити и сметки остануваат активни под истите услови. Со оглед на тоа дека тие гледаат значаен потенцијал за подобрување на понудата на производи и услуги на Комерцијална банка, потпирајќи се на стручноста и капацитетите на НЛБ, како и на синергијата во работењето на НЛБ Групацијата низ целиот регион, услугите на интегрираната банка ќе бидат унапредени, а нивниот квалитет ќе биде подобрен.  Во следните недели, на сите постоечки клиенти на двете банки, како и на сите клиенти кои ќе станат дел од нашата фамилија, ќе им биде одобрен посебен пакет за добредојде, а ќе имаат можност и за бесплатно користење на заедничките банкомати во целата НЛБ Групација. Во периодот кој следи, развојот на работењето со населението останува нивна стратешка амбиција, а ќе се фокусираат на брз и интензивен развој на најдобри услуги за клиентите и подобрено корисничко искуство. Покрај тоа, тие ќе продолжат да ги зајакнуваат односите со нивните корпоративни клиенти на кои ќе им понудат подобрени услуги, како што е регионална платформа за акредитиви и гаранции, факторинг, лизинг и други услуги. Ќе се осигураат дека, со нив на нивна страна, клиентите ќе бидат подготвени за сè што следи.