Нов дизајн и мобилна апликација на електронскиот систем за јавни набавки

22

Електронскиот систем за јавни набавки има нов дизајн на главната страница од апликацијата приспособена за приказ на десктоп, таблет и мобилни уреди, информира Бирото за јавни набавки.

Целта на новиот дизајн е на прегледен начин да се презентираат информациите и да се оптимизира Електронскиот систем за јавни набавки за мобилни корисници кои секојдневно ги користат предностите на паметните телефони и таблети. Со мобилната верзија на системот, корисниците ќе можат да учествуваат на е-аукции директно од своите телефони и таблети од сите брендови.

Корисникот има целосна контрола над сите функционалности кои се подобрени со цел да се овозможи безусловно завршување на секоја корисничка акција.

Корисничкиот интерфејс е надграден со дополнителни визуелни елементи што овозможуваат брз и директен пристап до најчесто користените акции што ги преземаат корисниците. Комбинацијата на бои овозможува визуелна прегледност и дистинкција на елементите со што целиот дизајн добива една подинамична природа.