Нов оглас на Владата за директорски позиции

21

georgiev3_gВладата распиша нов јавен повик за пополнување на 99 раководни места како на централно, така и на локално ниво.

Огласот ќе трае до 5 јули 2013 година и на него можат да се пријават сите заинтересирани лица кои поседуваат способности, вештини, мотив и желба да се вклучат во процесите на едно поинтензивно ниво, и да раководат со значајни институции.

“Сакаме да истакнеме дека сите заинтересирани имаат еднакви шанси и опциите се еднакви за сите, нема да има никаков основ на дистинкција и ќе се вреднуваат единствено индивидуалните квалитети и способности. Можност за кандидирање имаат и лицата кои се актуелни раководители на институциите”, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Портпаролот додаде дека дел од раководните позиции на централно ниво, меѓу другите се директорското место во Јавното претпријатие за патишта, директорското место во Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво, директорски места во Македонска Навигација – М-НАВ, во МЕПСО и други.

Овие позиции се однесуваат за директорски места кои се испразнети, каде се назначени в.д. директори или мандатот на актуелните им истекува.

Се бараат луѓе за раководни места и во областа на здравствените институции, односно директорските места во Универзитетските клиники, каде што застапени се 16 позиции на организациски директори на клиниките и шест позиции на медицински директори на клиниките, како и директорски места во клиничките болници.

Исто така, предвидени се и секторски директорски места во Фондот за здравствено осигурување, и тоа во Секторот за финансии и во Секторот за сметководство.

Осумнаесет директори се потребни за подрачните единици на Македонски шуми, 9 за Катастар, а 14 лица кои ќе раководат со подрачните одделенија на Министерството за шумарство, земјоделство и водостопанство. Четири подрачни позиции се отворени во Бирото за развој на образованието, три во Агенцијата за вработување и десет во Управата за водење матична евиденција.