Нов предлог-закон во САД: Пократка 32-часовна работна недела без намалување на платите

Идејата за четиридневна работна недела повторно е во центарот на вниманието во Соединетите Американски Држави. Конгресменот Марк Такано и сенаторот Берни Сандерс претставија нов предлог-закон со кој работната недела постепено би се скратила на 32 часа, додека вработените би ги задржале платата и бенефициите што моментално ги имаат за 40 часа работа.

Законот под наслов „Thirty-Two Hour Workweek Act“ (Закон за 32-часовна работна недела) предвидува стандардната работна недела да се намали од 40 на 32 часа, без намалување на примањата на вработените.

Такано образложи дека начинот на работа значително се променил, посебно поради развојот на технологијата.

„Работата фундаментално се промени“, изјави Такано, наведувајќи ги мобилните телефони, интернетот и вештачката интелигенција како технологии кои ја зголемија продуктивноста на вработените.

„Време е работните стандарди да го фатат чекорот“, додаде тој.

Такано и Сандерс сличен предлог-закон претставуваат од 2021 година, со надеж дека овој пат би можел да добие доволна поддршка за усвојување.

Според актуелниот предлог, работодавачите не би морале задолжително веднаш да им го скратат работното време на вработените на 32 часа неделно.

За секоја работа над 32 часа, вработените би имале право на надоместок во висина од една и пол редовна сатница. На работодавачите исто така би им било овозможено намалувањето на работното време да го спроведуваат постепено во период од четири години.

Предлог-законот истовремено би требало да ги спречи работодавачите со намалувањето на работното време да им ги намалуваат платите или бенефициите на вработените.

Сандерс смета дека работниците би требало да имаат директна корист од технолошкиот напредок, посебно во време кога вештачката интелигенција и роботиката го менуваат пазарот на труд.

„Во момент кога вештачката интелигенција и роботиката радикално ќе ја трансформираат нашата економија, неопходно е финансиската корист од новите технологии да им припадне на работничките семејства, а не само на неколкумина милијардери и директори на големи компании“, порача Сандерс.

Според неговите зборови, еден од начините да се постигне тоа е четиридневната работна недела без намалување на платите и бенефициите.

Сепак, предлогот има и критичари кои предупредуваат дека пократката работна недела не би им одговарала задолжително на сите професии.

Противниците наведуваат дека работодавачите би можеле да го забават вработувањето, да ги зголемат цените на производите и услугите или од вработените да бараат во пократок период да завршат иста количина работа.

„Еден од ризиците е пет дена работа да претвориме во четири дена стрес“, изјави Џеј Олдеберт (Jay Aldebert) од организацијата International Services.

Доколку примената на четиридневната работна недела би барала повисоки цени, помалку вработени, пократко работно време или поголемо оптоварување за постојните работници, предупреди тој, трошокот нема да исчезне, туку само би се префрлил на друга страна.

Пократката работна недела веќе се тестира во различни делови од светот, а организацијата 4 Day Week Global со години се залага за премин кон четиридневна работна недела.

Еден од поголемите експерименти беше спроведен во 2022 година, кога 33 компании од САД, Ирска и Австралија, со вкупно околу 1.000 вработени, во тек на шест месеци тестираа работна недела од четири дена и 32 часа.

Моделот беше заснован на принципот вработените да работат 80 проценти од вообичаеното работно време, но за тоа да примаат 100 проценти од платата, со очекување да го задржат полниот обем на вообичаениот учинок.

Резултатите покажаа дека моделот бил прифатлив и за работодавачите. Осумнаесет компании изјавија дека дефинитивно планираат да продолжат со четиридневната работна недела, додека седум од нив сакале да продолжат, но сè уште не донеле конечна одлука.

Една компанија била „наклонета кон продолжување“, додека една тогаш сè уште не била сигурна.

Ниту една од компаниите што учествуваа во експериментот не наведе дека нагинува кон враќање на класичната петдневна работна недела.

Предлог-законот во САД така би можел повторно да го отвори прашањето што сè почесто се поставува ширум светот: дали со современата технология и поголемата продуктивност е можно да се работи помалку, а да се задржи истото ниво на примања и учинок.