Нов рекорд на приноси на пченка во вардарскиот регион

49

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ги одбележи рекордните приноси на пченка кои ги достигнаа земјоделците од вардарскиот регион. Петнаесет производители на пченка од регионот кои годинава за прв пат наводнуваа со системи капка по капка донирани од УСАИД успеаjа да ги зголемат нивните приноси за три пати (од четири тони/хектар на 12 тони/хектар), додека земјоделецот Глигорче Алексов постигна рекорден принос во Вардарскиот регион од 17 тони/хектар.

На настанот се обрати Барт Путни, Заменик амбасадор на САД во Македонија, кој ја истакна поддршката на САД за модернизација на земјоделството во земјата.

“Со подобрувањето на производството на пченка во Македонија се овозможува прехранувањето на поголем број на крави. Зголемувањето на бројот на крави овозможува зголемено производство на млеко, а тоа пак овозможува ослободување од потребата за увоз на скапо млеко во прав… Како што се зачестува употребата на системот капка по капка за наводнување на пченка ќе станат видливи и макроекономските придобивки. Зголемувањето на продуктивноста со време ќе и овозможи на Македонија самостојно да ја задоволи целосната домашна побарувачка на пченка“, рече Барт Путни, заменикот амбасадор на САД во Македонија.

Земјоделецот Алексов истакна дека благодарение на овој систем зголемени се приносите оваа година.

“Годинава прв пат наводнував со капка по капка и извадив 17 тони зрно од еден хектар. Наредната година планирам да поставам систем капка по капка на уште два до три хектари. Порано морав да купувам пченка за да ги нахранам кравите, но оваа година имам произведено доволно за да ги нахранам сите крави. Од наредната година полека ќе почнам да го зголемувам стадото“, рече Глигорче Алексов, сточар и производител на пченка, кој оваа година постигна рекорден принос во вардарскиот регион.

Тој нагласи дека претходно наводнувал со прскалки, но предноста на системот капка по капа е многу голема.

“Прскалките бараат многу работа затоа што постојано треба да се преместуваат, а со капка по капка треба само еден ден за да се намести системот и потоа само повремено се врти вентил за да се вклучи“, додаде тој.

Во 2013 и 2014, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ја започна иницијативата – Да одгледуваме повеќе пченка за модернизација на производството на пченка во Македонија. Како дел од иницијативата беа донирани 120 системи капка по капка и беа обучени 120 земјоделци за користење на добри земјоделски практики во одгледувањето на пченка. Овие земјоделци успеаја да ги зголемат приносите на пченка за два до три пати. Иницијативата – Да одгледуваме повеќе пченка ќе се прошири во наредните две години со донирање на дополнителни системи капка по капка и обуки за нивно соодветно користење.