Нови аквизиции на повидок: Тедески бара нови фирми во Србија

61

Емил Тедески, претседател на управата на хрватската Атлантик група, најави дека оваа компанија во 2013 година планира нови инвестиции во Србија од околу пет милиони евра, кои ќе се однесуваат на модернизација на постоечките капацитети, но постои и можност за преземање на нови компании во Србија.

Тедески не сакаше да каже кои фирми сака да ги преземе, но рече дека во регионот, во сегментот на прехранбената индустрија, во тек е значајна консолидација и окрупнување, а Атлантик група, како една од водечките во регионот, сигурно ќе има активна улога во тоа, пишува Блиц.

“Досега сите инвестиции што сме ги имале во Србија покажаа добри резултати и беа повеќе од добредојдени кај локалното население и вработените. Без оглед на малите предизвици што се нормални во работењето, сметам дека Србија е квалитетна земја за инвестиции”, вели Тедески.

Атлантик група е сопственик на три производни компании во Србија – Соко Штарк, Гранд кафе и фабриките за производство на флаширана вода и безалкохолни пијалоци Паланачки кисељак и Кокта.

Тедески вели дека Атлантик група ги користи предностите на бесцаринскиот договор со Русија и дека целата стока произведена во Србија има компаративна предност во пласманот на рускиот пазар.

Кога станува збор за договорот ЦЕФТА, според Тедески, по влегувањето на Хрватска во Европската унија следната година и напуштањето на овој договор, за Атлантик група нема битно да се промени ситуацијата затоа што има релативно добар баланс меѓу производните капацитети во земјите од ЦЕФТА и оние во Словенија, Германија и Хрватска.