Од супермаркетите до семејниот буџет: Нова пресметка на потрошувачка кошничка за македонските семејства

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска најави дека од 1 јануари Владата ќе започне со пресметка на просечната потрошувачка кошничка. Таа ќе се пресметува покрај синдикалната минимална кошничка и ќе се однесува на најмалку четиричлено семејство. Резултатите од пресметката ќе бидат разгледани на Економско-социјалниот совет, закажан за 22 декември.

 „Една од точките на советот ќе биде токму пресметката на просечната потрошувачка кошничка, која претходно беше презентирана на синдикатите и работодавачите за увид и одобрување. Оваа кошничка ќе ни служи како основа за креирање економски политики и за зачувување на животниот стандард на граѓаните“, изјави Ристески.

Според него, пресметката ќе се базира на цените на производите од најголемите супермаркети во земјата. – „Ќе се земаат предвид основните прехранбени производи и други потреби за просечно македонско семејство, како и регионални варијации. Овошјето и зеленчукот ќе бидат избрани според сезонските услови во текот на годината“, додаде Ристески.

Тој истакна дека ова нема да биде единствената кошничка што ќе се пресметува. – „Понатаму планираме да пресметуваме и други типови кошнички, како за двочлено или трочлено семејство, како и за пензионери. Сите овие предлози ќе бидат дополнително разгледани на Економско-социјалниот совет“, посочи Ристески.