Од утре предвремена и етапна исплата на јунските пензии

32

Утре, 26-ти јуни, почнува исплатата на јунските пензии. Со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19, и оваа исплата на пензии ќе се одвива етапно, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките, за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

  • Во петок, 26 јуни исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
  • Во понеделник, 29 јуни, исплата на пензии со висина од 11.001 до 14.000 денари;
  • Во вторник, 30 јуни, исплата на пензии со висина од 14.001 до 18.000 денари и
  • Во среда, 01 јули, исплата на пензии со висина над 18.001 денари.

Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од петок, 26 јуни. Тие можат да ја подигнат јунската пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа.

Над 320.000 пензионери и оваа пензија ќе ја добијат предвреме. Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.

Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на мерките за ограничување на изложеноста на граѓаните со цел спречување и ширење на коронавирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.

Од МТСП апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.

Оттаму потсетуваат на обврската за носење маска којашто ги покрива носот и устата како и држење растојание од најмалку два метра при чекање ред пред и внатре во банките.