Одбележување на Глобалната недела на парите во Македонска берза

Во рамки на одбележувањето на почетокот на Глобалната недела на парите (27 март ‒ 2 април), за учениците од средното економско училиште Васил Антевски Дрен од Скопје на 27-ми овој месец беше организирана посета на Македонската берза АД Скопје.

За време на посетата, учениците се запознаа со улогата и функциите на Берзата на македонскиот пазар на хартии од вредност, а имаа можност преку берзанскиот електронски систем за тргување да го проследат тргувањето во живо и да се запознаат со начинот на склучување на трансакции со хартии од вредност.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth Finance International), се одржува на светско ниво уште од 2012 година, и во неа се вклучени над шест милиони деца и млади во повеќе од 130 земји и повеќе од 1.000 организации и институции. Целта на активностите на Глобалната недела на парите во Македонија е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население на државата.