Одговорете на овие прашања ако сакате да работите со франшиза

184

Кој бизнис? Дали постои пазар за она што сакам да го работам? Дали имам доволно пари за почнување на бизнис? Дали оваа работа на крајот ќе се исплати? Ова се првичните прашања што треба човек да си ги постави и сериозно да размисли ако сака да почне сопствен бизнис “од нула“ преку франшиза, пишува Franchising.hr.

Кој бизнис?

Луѓето понекогаш, а најчесто поради тоа што сакаат добро да заработат, почнуваат бизнис за којшто во еден момент сфаќаат дека воопшто не им одговара. Затоа треба да ги изнајдат одговорите на овие важни прашања: што сакам да работам? Што знам да работам? Какво искуство имам? Што би понудил – производ или услуга? Одговорите на овие прашања би требало значајно да водат кон соодветната франшиза.

Дали постои пазар за тоа?

Ако е возможно, пред да ја купите франшизата, важно е да се направи минимално истражување на пазарот. Не е неопходно опсежно и професионално истражување, но секој претприемач може да ја анализира ситуацијата и да постави неколку прашања: на колку потенцијални клиенти може да смета? Дали постои побарувачка за производот или услугата? Кои потреби на клиентите ги задоволува? Кој проблем го решава? Дали се работи за минлив тренд или за постојана потреба? Која е конкуренцијата? Што нудат?

Колку чини отпочнување на бизнисот?

Пресметката е едноставна – за да почнете бизнис, треба да имате пари. За да останете во бизнисот, треба да заработите пари. Една од најчестите причини за неуспех се кријат во фактот што примателот на франшизата немал доволно пари во почетната и најчувствителна фаза. Затоа ставете ги на хартија сите трошоци.

Дали овој бизнис на крајот ќе биде исплатлив?

Имајте на ум дека ова не е прашање само на профит, иако тоа е клучна цел за секој бизнис. Кога ќе ги исполните сите обврски и трошоци, ќе ја повлечете линијата и ќе видите колку сте заработиле, но сепак останува прашањето – дали сте заработиле доволно за да вреди за времето, трудот и енергијата што сте ги вложиле?

Фото: Pixabay