ОХИС ќе издаде четврта емисија обични акции наменети за државата

26

Комисијата за хартии од вредност даде одобрение на Охис да издаде четврта емисија на 99.747 обични акции во износ од 5.099.964,36 евра за зголемување на основната главнина наменети за Република Македонија, пренесува Миа.

Владата ги презема акциите од новата емисија со претворање на своето побарување во влог во друштвото, односно со внесување непарични влогови.

Целта поради која Охис АД Скопје издава акции е спроведување на Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвата Охис АД Скопје, Тутунски комбинат АД Прилеп и 11 Октомври Еурокомпозит АД Прилеп, со што ќе се намали долгот кој Охис АД Скопје го има спрема државата по основ на јавни давачки.

На седницата што се одржа денеска, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на Коппер Инвестментс АД Скопје му одобри да  издаде 2.500 приоритетни партиципативни акции во вкупен износ од 1.000.000 евра. Втората емисија е наменета за познат купувач и тоа за Surrey Dynamics Limited од Обединетото Кралство. Втората емисија на акции се врши по пат на приватна понуда со парични влогови, заради создавање услови за непречено функционирање на Коппер Инвестментс АД Скопје.

Како резултат на присоединувањето на Поштенска банка АД Скопје кон Еуростандард Банка АД Скопје, КХВ даде согласност Еуростандард Банка АД Скопје како единствен правен наследник да стекне квалификувано учество.