Окта: Подобри финансиски резултати проследени со општествено одговорни иницијативи

60

okta1

Во 2015 година компанијата Окта оствари подобрени резултати и профитабилност споредено со претходната година, се вели во соопштението.

“Согласно официјалните пазарни податоци, ОКТА останува главен снабдувач на гориво во земјата во 2015 година. Покривајќи повеќе од две третини од потребите на домашниот пазар, преку примена на комерцијалната политика во комбинација со ниските оперативни трошоци, компанијата успеа да го зголеми уделот како на домашниот пазар така и на Косово, остварувајќи значителни извозни количини во последниот квартал на 2015 година“, стои во соопштението за остварениот финансиски резултат на компанијата.

Поконкретно, ОКТА во текот на 2015 година континуирано остварува зголемена ЕБИТДА, којашто го достигна врвот со 444 милиони денари на крајот на годината, во споредба со 182 милиони денари во 2014 година. Кризата на глобалниот нафтен пазар и рекордно ниските цени во четвртиот квартал придонесоа за намалување на резултатот за 42 милиони денари. Истовремено, кумулативниот профит пред оданочување достигна 96 милиони денари, во споредба со загубата од 522 милиони денари, главно оптоварена од доброволната програма за пензионирање во вредност од 289 милиони денари. Ликвидноста остана на одлично ниво, при што достапната готовина ги надмина позајмувањата за 853 милиони денари и по покривањето на потребите за капиталните инвестиции од 131 милион денари.

“Финансиската ефикасност беше придружена и со успех во програмата за корпоративна општествена одговорност на компанијата. Крајот на 2015 година беше одбележан со комплетирањето на напредните проекти за заштита на животната средина. Долгорочниот придонес на компанијата во кампањата Шанса за живот беше препознаен со добивање на меѓународната награда за Најдобра општествено одговорна програма. Продолжувајќи да дејствува како одговорен партнер на заедницата, ОКТА обезбеди поддршка за граѓанските хуманитарни иницијативи и уште еднаш ја докажа својата грижа за децата со посебни потреби. Нејзината успешна соработка со соседните општини беше потврдена и со последната донација на противпожарно возило на Противпожарната единица во Куманово“, се вели подолу во соопштението.

Менаџментот очекува стабилна ликвидност на компанијата, останувајќи посветен на водење на бизнисот, со безбедноста како главен приоритет, на еколошки, етички и општествено одговорен начин што ќе донесе видливи и мерливи бенефиции за сите вклучени страни.