ОКТА со нова програма за гаранција на квалитетот и количината на горивата

17

okta

Компанијата ОКТА започнува програма со која ќе го гарантира квалитетот и количината на горивата што се продаваат на бензинските станици под брендот на ОКТА. Мобилна лабораторија која е дизајнирана за потребите на ОКТА, а во рамките на соработката која компанијата ја има со Машинскиот Факултет Скопје, ќе врши редовна и ненајавена контрола на бензинските станици проверувајќи ги автоматите од каде се точи гориво во автомобилот на крајниот корисник.

„Ние сме единствената компанија којашто спроведува тројна контрола на горивото. Првата контрола е во рафинеријата каде горивото се товари, втората се врши по пристигнувањето на горивото во ОКТА, а третата контрола се спроведува пред горивото да биде доставено на пазарот. Програмата Гаранција значи воведување на нова – четврта контрола која ќе се одвива на самите бензински станици. Со оваа програма ќе ги увериме потрошувачите дека кај нас секогаш добиваат соодветна количина и највисок квалитет. Ќе покажеме дека на нашите бензински станици купувачите можат да се чувствуваат сигурни во секој литар. Програмата е веќе широко распространета во повеќето компании дел на Хеленик Петролеум Групацијата и наиде на одличен прием кај потрошувачите. Кај нас оваа програма ќе се спроведува со помош на практиканти-студенти на Машинскиот Факултет“, изјави Јанис Геруланос, главен извршен директор на ОКТА.

Со оваа прва сеопфатна програма ќе се врши постојана контрола на квалитетот и количината на ОКТА горивата од страна на обучени лица за оваа намена, кои ќе ја гарантираат веродостојноста на примерокот и проверките. Проверените автомати за полнење на горива ќе бидат обележани со контролна лента за гарантирана количина на која ќе пишува „Проверено”. Анализите на квалитетот на горивата ќе се вршат во акредитирана лабораторија и секоја бензинска станица што ќе го помине успешно тестирањето ќе добие сертификат за извршената проверка.

„Оваа акција на ОКТА ја поздравуваме со оглед дека претставува процес на постојано подобрување на перформансите на компанијата во насока на обезбедување постојан квалитет на горивата, а што сметаме дека е неопходно од аспект на одржување на возилата, како и од аспект на заштита на животната средина”, изјавија од Машински факултет Скопје.

Програмата гаранција започнува денес и ќе се спроведува во континуитет на сите бензински станици кои го носат брендот на ОКТА.