ОНЕ донираше опрема за ТТПЕ од Тетово

39

Телекомуникацискиот оператор ОНЕ денеска на Територијалната противпожарна единица (ТТПЕ) од Тетово донираше противпожарна опрема, опрема за спасување од елементарни непогоди, сообраќајки и слично од делокругот на нивната работа.

Донацијата се состои од една лифт столица за транспорт по скали, две ултра тенки транспортни даски за лица со повреди на кичмата, по три имобилизатори на главата и на нозете што се монтираат на транспортните даски, десет комплети за реанимација и десет огноотпорни ќебиња.

Според командирот на ТТПЕ, Ука Алити, донацијата од ОНЕ има многу голема вредност и ќе придонесе за подобрување на условите за интервенции на единицата.

“Најголем дел од оваа опрема ќе се користи при извлекување на жртви при пожари во затворени простории како што се ќебињата или носилката што е прилагодена и за транспорт на повредените по скали“, рече Алити.

Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, рече дека тетовските пожарникари се приоритет за локалната власт за оваа година со нивно потребно доекипирање и опремување.

“Покрај општина Тетово, ТТПЕ со своите услуги ги покрива и околните општини и затоа оваа донација од ОНЕ е добредојдена особено во овој летен период кога и можноста од пожари е поголема“, рече Арифи.

Донацијата ја предаде главниот извршен директор на ОНЕ, Цирил Кафол, кој нагласи дека ова е прва донација за Тетово, но сигурно е една од позначајните. Тој изрази надеж дека пожарникарите ќе немаат многу работа, но доколку имаат таква потреба, опремата ќе придонесе за нивна и безбедност на граѓаните.