Оригиналност и креативност во секоја рачно изгравирана чаша

209
naslovna
Мартина Наумовска, сопственичка на M’s engravings

Пред 12 години Мартина Наумовска, сопственичка на M’s engravings, ја доби својата гравирка на подарок од нејзиниот татко. Оттогаш нејзината пасија и голема љубов е рачното гравирање на стаклени чаши. Во секоја чаша таа ја покажува својата креативност и оригиналност, а крајната цел и се задоволни и насмеани клиенти. Иако гравирањето бара многу трпение и внимание, таа вели дека за нејзе оваа рачна изработка е вистинско уживање и посебно е среќна што нејзиниот труд останува вечно забележан на стаклените чаши.

БИ: Од каде е идејата и од кога се почетоците на M’s engravings?

Идејата за гравирање доаѓа од пред 12 години кога ја добив гравирката од мојот татко и не знаев што е тоа. На таа гравирка има и каменски гравирки со кои потоа открив дека може да се црта на стакло. Бидејќи во светот постојат гравери кои навистина гравираат, тежнеам кон тоа да се усовршам, почнав да ги усовршувам техниките, да откривам и поинакви, па открив дека треба да гравирам не со каменски, туку со дијамантски бургии бидејќи на стаклото му даваат поинаков и дијамантски изглед. Ги набавив тие дијамантски бургии и почнав да гравирам. Како економист со диплома од маркетинг, тргнав преку Facebook бидејќи таа алатка многу добро ја владеам, создадов лого. Се двоумев за името и потоа настана M’s Engravings, бидејќи името останува цел живот, па затоа сакав да биде нешто што нема да се менува и ќе остане со генерации. Ја отворив фан страната, а потоа почнав и поинаку да ги гледам работите, како треба да се услужуваат луѓето, како да се одвива комуникацијата и веќе со сите тие работи оформив еден бренд кој го препознаваат не само преку Facebook, туку и по препорака, бидејќи доаѓаат луѓе кои веќе виделе чаша некаде и сакаат и тие такво нешто.

DSC_8481

БИ: За која пригода најчесто вашите клиенти бараат да им изгравирате чаша и колку време е потребно за нејзина подготовка?

Најчесто се бараат роденденски, свадбени или пак во случај кога некоја девојка или момче сакаат да го изненадат партнерот. За изработка на една стандардна чаша потребни се минимум шест часа. Бидејќи треба да се црта на нејзе, треба да внимавам дали е дизајнот во средина, дали е доволно голем во согласност со чашата, дали е сразмерен со сето тоа и потоа почнувам да го гравирам.

БИ: Која е најоригиналната чаша што сте ја изработиле досега и на која сте потрошиле најмногу време?

Имам изработено многу интересни и оригинални чаши. Точно се сеќавам дека имаше една девојка од Куманово која посака да и изгравирам порака на кригла за нејзиното момче и дури ми напомена да не ми биде чудно бидејќи пораката ќе биде на кумановски дијалект. Тоа уште повеќе ме израдува и уште повеќе посакав да ја изработам таа чаша. Пораката беше – “Сакам те затој што само ти ме правиш среќну“. Како што е криглата, така и целиот текст беше на криглата, направив три дизајни и девојката си избра еден. За тој дизајн ми требаа некаде околу 12 часа. Од друга страна, чашата на која потрошив најмногу време е четири дена и тоа за гравирање на кригла со лого на ресторан во форма на брод. Поради големиот број на детали морав толку долго да ја гравирам.

SAM_0992

БИ: Како се одвива процесот на гравирање на чашите?

Целокупната комуникација се одвива преку мојата фан страница на Facebook. Таму со клиентите ја имам целокупната комуникација преку која ја осознавам нивната желба за дизајн и пригода за која би им служела чашата. Откако ќе ги искажат своите желби некој детално некој генерално, ми дозволуваат да креирам предлог дизајни. Им предлагам најмногу три дизајни од кои можат да го изберат она што најмногу им се допаѓа. Избраниот дизајнот го печатам и во одредени случаи го ставам во внатрешноста на чашата, а потоа со маркер ги цртам контурите на стаклото. Тоа ми е потребно да можам да ги изгравирам контурите, а потоа ја исполнувам внатрешноста, каде што се можни мали модифицикации. Со три стакла, односно диоптри на светлина, ги гледам евентуалните нерамнини од бургиите, па тоа го израмнувам со цел да добијам идеално изгравирана површина.

БИ: Дали во Македонија постојат курсеви за рачно гравирање и за колку време може да се совлада оваа техника?

SAM_0974Во Македонија, освен за филигранство, кое исто така го сакам, нема курсеви или литература за совладување на рачното гравирање. Сето она што го учам и совладувам е преку интернет. Таму ги наоѓам сите потребни информации. Инаку, за оваа техника најважно е да се има голема желба и прецизност на раката. Доколку раката е прецизна, техниката може да се совлада за околу една година.

 

БИ: Кои се вашите идни планови, во која насока ќе се движи M’s engravings?

Oна што го планирам во иднина е развивање на своевидна линија на производи што ќе бидат дизајнирани од M’s engravings, можеби тоа ќе биде некоја текстура, или пак чаши со специфичен дизајн или стакла кои може да послужат како декорации. Веќе ги имам идеите и дизајнот. Секогаш гледам да биде строго оригинално, нешто што го нема никаде и не е копирано од никого. Не сакам сериско производство, бидејќи за мене таа чаша ја нема истата вредност. Планирам во иднина да организирам и хуманитарна акција, во рамки на која ќе искористам старо рециклирано стакло и рачно ќе гравирам, а потоа на своевидна аукција ќе се продаваат стаклените предмети и собраните пари ќе бидат дадени во хуманитарни цели со цел да им се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно.

DSC_8649

DSC_8654

DSC_8658

DSC_8718

DSC_8782