Осигурителните компании во 2013 година исплатиле бруто износ од 2,96 милијарди денари

20

Друштвата за осигурување во Македонија во 2013 година исплатиле бруто износ на штети од 2,96 милијарди денари, што во споредба со 2012 година, кога по тој основ биле исплатени 3,01 милијарди денари, претставува пад од 1,81%, информира денеска на прес-конференција раководството на Здружението за осигурување при Стопанската комора на Македонија. Поднесени се 148 претставки, односно за 62 повеќе во однос на 2012, 50% се решени во корист на осигурениците.
Податоците на Здружението покажуваат дека лани осигурителниот сектор остварил добивка од 228.092.805 денари, по две години прикажана загуба на ниво на индустрија. Кај друштвата за осигурување на живот загуба во износ од 23.754.343 денари прикажале две друштва за осигурување на живот, а две друштва оствариле добивка од 70.470.878 денари.
Кај друштвата за неживотно осигурување, загуба од 151.429.484 денари е евидентирана кај две друштва, а останатите оствариле добивка од 332.796.754 денари.
Според претседателот на Здружението за осигурување, Ило Ристовски, 2013 е година на раст за осигурителниот сектор во Македонија. Остварена е брутополисирана премија БПП во износ од 7,19 милијарди денари, што е за 2,6% повеќе во однос на остварената во 2012 година.
Во делот на осигурување за живот е забележан пораст од 21,96%. Со тоа, според Здружението, првпат во историјата на осигурување во Македонија, осигурувањето на живот ја надмина границата над 10 проценти учество во вкупната БПП на осигурителниот сектор.
Од Здружението за осигурување очекуваат годинава да продолжи растот во сегментот на осигурување на живот, како резултат на етаблирањето на странски реномирани друштва за осигурување, развојот на осигурителната култура на населението и препознавањето на бенефитите од тој вид осигурување. Друштвата за осигурување се важни институционални инвеститори на домашниот финансиски пазар, со вкупни вложувања од 8.740.342.639 денари. Главни извори од кои се генерерираат вложувањата се капиталот и техничките средства.
Во 15 друштва за осигурување, лани биле вработени 1.569 лица, или за 7,4% повеќе во однос на 2012. Во осигурителната индустрија дополнително се ангажирани и 669 лиценцирани застапници. Исто така, на пазарот има и 334 лиценцирани осигурителни брокери.