Ова лето безбедноста нека ти биде на прво место

131

Како последица на неодговорното учество во сообраќајот, изминатата година во Република Северна Македонија, 132 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди а 5.164 лица се повредени. Половина од сообраќајните незгоди со загинати лица минатата година се случиле во периодот од месец мај до месец септември. Имајќи ја во предвид ваквата состојба, Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патиштата (РСБСП) со пораки совети и апели за безбедно лето и за одговорно учество во сообраќајот.

Ова лето безбедноста нека ти биде на прво место! Вози одговорно, има некој кој те сака и кој те чека безбедно да се вратиш дома! Брзото возење изнудува грешки кои најчесто завршуваат фатално! Безбедното возење не е право на избор, безбедното возење е начин да преживееш! – се само дел од пораките кои РСБСП ги упатува до учесниците во сообраќајот.

Брзо возење, возење под дејство на алкохол, замор, деконцентрација, непочитување на поставената сообраќајна сигнализација се водечки причини за предизвикување на сообраќајни незгоди во летниот период. Најчеста причина со најсериозни последици по животот и здравјето на учесниците во сообраќајот е брзото возење. Водејќи се од ова, РСБСП уште еднаш ги потсетува  возачите на најважните обврски и одредби од ЗБСП кои се однесуваат на брзото возење, а кои треба секогаш да ги почитуваат како внимателни, совесни и одговорни возачи и личности:

  • Возачот е должен да ја прилагоди брзината според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патот.
  • Брзината на движење е ограничена согласно условите на патот и истата е обележена со соодветен сообраќаен знак.
  • Брзото возење ја загрозува безбедноста во сообраќајот и истото се санкционира со парична казна до 400 евра во денарска противвредност, во зависност од тежината на сторениот прекршок, односно од големината на пречекорувањето на брзината.
  • Брзото возење претставува закана за времено одземање на возачката дозвола до 12 месеци.
  • Брзото возење ве прави нервозни и агресивни. Агресивните и брзи возачи немаат можност да уживаат во возењето и се соочуваат со голем број на стресни ситуации додека возат.
  • Брзото возење значи поголема потрошувачка на гориво и негрижа за возилото.

Почитувајте ги  правилата и прописите во сообраќајот, особено правилата за ограничување на брзината затоа што животот не дава втора шанса.