Овој европски град ќе се претвори во отворен ресторан што овозможува социјално дистанцирање

407

Главниот град на Литванија, Вилнус, ќе претвори многу улици и отворени простори во барови, ресторани и кафулиња за да овозможи угостителската индустрија да се врати во колосек, додека луѓето можат да одржат социјално дистанцирање и да помогнат да се избегне ширењето на Ковид-19, пишува Independent.

Многу од јавните места во градот кои до сега ретко се користеле за јадење на отворено, како што е плоштадот Cathedral Square, сега се отворени за поддршка на рестораните во градот.

Веста беше објавена во петокот, а во текот на викендот биле примени над 162 апликации од фирми кои сакаат да учествуваат во проектот.

Литванија веќе почна со отстранување на некои мерки за ограничено движење поради пандемијата. Во Литванија се регистрирани 1.449 заболени случаи на коронавирус и 45 смртни случаи. Многу кафулиња, продавници и други продажни места повторно почнаа со работа оваа недела.

Според претходните правила, кафулињата што имаат отворен простор можеа да работат доколку има еден метар растојание од тротоарите и два метри растојание помеѓу масите. Ова ги ограничи локалите што немаат отворен простор.

“Раздвиженоста е многу голема, што покажува дека кетеринг-услугите го гледаат ова како можност за да можат ефикасно да го преживеат овој период. Плоштадите и улиците ќе бидат на располагање бесплатно за да можат рестораните да ги одвиваат активностите за време на карантинот. Само отворете ги штандовите, работете, задржете ги работните позиции и одржете го Вилнус жив. Секако, приоритет е безбедноста за сите“, рече градоначалникот на Вилнус, Ремигијус Шимашиус.

Општината во знак на благодарност на медицинскиот персонал ќе им додели ваучери за ресторани (во вредност од околу 400.000 евра), кои можат да ги користат во рестораните низ градот.

Фото: Pixabay