
На азиските пазари во средата, акциите паднаа поради слабата фабричка активност во Кина, поттикнувајќи ги сомнежите за силно закрепнување на втората по големина светска економија од пандемијата, додека доларот е на пат за своите најдобри месечни перформанси од февруари.
Индексот на азиско-пацифичките акции на MSCI падна за 1 отсто во средата, завршувајќи го мај со пад од 2,4 отсто, бидејќи надежите на инвеститорите за силно закрепнување на кинеската економија испариле.
Последниот показател за фабричката активност во Кина, индексот PMI падна од 49,2 поени во април на 48,2 поени во мај, што е најниско ниво во последните пет месеци. Секое читање над 50 поени укажува на контракција.
Како резултат на тоа, јуанот исто така падна на најниско ниво во однос на доларот во последните шест месеци од 7,109 јуани за долар, така што е намален за 2,6 отсто од почетокот на мај, бидејќи се повеќе и повеќе индикатори, од продажбата на мало и кредитирањето растот на добивката на индустриските компании, се под очекувањата, а во одредени случаи забележаа и пад.
„Постоеше загриженост дека економското закрепнување на Кина би можело да биде толку силно што би ја комплицирало борбата против инфлацијата на централните банки на најбогатите земји. По денешните податоци, таквите очекувања повеќе не се основани“, според Керол Конг од Commonwealth Bank of Australia.
Берзанскиот индекс во Хонг Конг беше во минус околу 6,45 часа за 2,25 отсто, а на берзата во Шангај за 0,74 отсто.
Дури и цените на акциите на јапонската берза – азискиот пазар со најдобри перформанси – се лизнаа надолу во средата, а Токискиот Нике изгуби 1,6 отсто на 30.888 поени. Сепак, од почетокот на месецот е во плус за околу 7,5 отсто.
„Инфлацијата предизвикана од структурниот недостиг на работна сила ги принудува јапонските компании да ги преиспитаат своите ценовни стратегии и има јасни знаци дека промената е на пат. Врз основа на ова, го подигнуваме целното ниво за Никеи до крајот на годината на 32.500 поени“, вели Масаши Акутсу, стратег во Банката на Америка.