Патот кон успехот е посладок од самиот успех

120
Верица Мартиновска, сопственик на Кликер Маркетинг и одговорен уредник на In-store

Кога за викенд ќе влезете во некој поголем маркет каде што има in-store промоции, шансите се 90% една од тие промоции да е имплементирана од Кликер Маркетинг. Иако промоциите се онаа највидливата маркетинг активност, станува збор за full service маркетинг агенција што работи за интернационални и домашни клиенти, меѓу кои значајно е да се набројат: Унилевер (Dove, Rexona, Axe, Signal, Cif, Domestos…), Нектар, Фруктал, Хенкел, Дукат, Идеал Шипка, Baduco, Bungee, Paloma и др. Верица Мартиновска, сопственик и директор на агенцијата – шармантна, позитивна и расположена за разговор, се обиде накратко да не запознае со почетоците и работата на агенцијата, како и со пионерскиот подвиг на територијата на Македонија – издавањето на единствениот трејд-магазин InStore.

Бизнис Инфо: Кога е основана агенцијата Кликер Маркетинг и од каде идејата да се впуштите во маркетинг-авантура?

Агенцијата Кликер Маркетинг е основана при крајот на 2008 година, како резултат на еден внатрешен порив, без многу размислувања, планови и проценки. Почетокот за мене беше навистина маркетинг авантура, со сите стравови, предизвици и доживувања што една авантура ги носи. За првпат самостојно менаџирав сопствена фирма, во еден поширок контекст од маркетингот кој дотогаш го работев, па затоа требаше секојдневно многу да учам и практично и теоретски. Две работи кои верувам дека беа пресудни за успехот на Кликер Маркетинг се: релативно брзото екипирање на тимот, со кој и денес, заедно со новите членови, секојдневно се дружиме, и професионално и приватно; и тоа што на моја голема среќа, скоро од самиот почеток имавме прилика да работиме за еден светски клиент – гигантската компанија Унилевер, од кој секој би имал многу да научи за креативноста, професионалноста и квалитетот на кои се инсистира.

Бизнис Инфо: Работите и со македонски и со интернационални компании. Кои се полесни, а кои попредизвикувачки клиенти?

Интернационалните компании имаат многу јасни насоки за работењето на маркетинг агенциите во светот. Тоа го прави патот до крајното решение многу полесен, иако неретко ограничен во креативна смисла. Сепак, големината и потребите на интернационалните брендови за кои се грижиме ни овозможија да ја докажеме нашата професионалност, посветеност и креативност не само во Македонија, туку и на територијата на Албанија и Косово, пазари на кои имаме имплементирано бројни успешни маркетинг кампањи.

Работењето со македонските компании, пак, би рекла дека дава можност за целосно осмислување на поширок маркетиншки пристап, поголема креативност во профилирањето на комуникациските концепти и дизајните, токму поради причината што сe уште голем дел од нив немаат дефиниран начин на презентација на своите брендови. Македонските компании ја имаат предноста за маркетинг кампањи приспособени на локалниот дух и менталитет на нашиот народ и тоа треба да го искористат како предност пред големите интернационални компании.

Бизнис Инфо: На кое ниво е свесноста за маркетинг кај македонските компании?

Свесноста, па и застапеноста на маркетингот кај македонските компании е на различно ниво. Голем дел сe уште маркетингот го сметаат за непотребен или едноставно непланиран и инцидентен трошок. Дел од нив прават некои почетни вложувања, но со многу страв поради за нив непознатиот терен на маркетингот. Има и такви кои решиле да вложат некој посериозен износ во маркетинг и сметаат дека поради тоа треба да ја имаат целосната контрола врз креативниот процес. И, се разбира, има и многу светли примери на компании кои маркетингот го ставаат во своите планови и пресметки како неопходно вложување, им веруваат на професионалците во таа област и затоа имаат најдобри резултати на пазарот.

Бизнис Инфо: Кликер Маркетинг е издавач на специјализирниот трејд-магазин InStore. Како одеше процесот од идеја до реализација на магазинот?

Како агенција, главните клиенти ни се од FMCG секторот. Работејќи за нив веќе подолг период, научивме навистина да го разбираме нивниот начин на работење. Тоа и сознанието дека трејд-магазините се неопходно средство за комуникација меѓу брендовите и нивните директни купувачи (маркетите) кое постои на сите светски и околни пазари, нe наведе на размислување дека и македонскиот пазар има потреба од еден таков медиум. Во мај 2011 година го издадовме првиот број на нашиот трејд-магазин Таргет, кој со многу ентузијазам го работеше релативно мал тим на Кликер Маркетинг. Од тогаш излегоа 15 изданија на Таргет, сe до моментот кога се споивме со регионалниот трејд-магазин InStore.

Бизнис Инфо: Има ли фитбек од магазинот? Какви се реакциите на компаниите од секторот за трговија со стока за широка потрошувачка?

Рекациите се фантастични. Особено откако се споивме со регионалниот трејд-магазин InStore. Морам да кажам дека имаше компании кои од самиот почеток го препознаа значењето на Таргет како единствен трејд-магазин на македонскиот пазар и го поддржаа неговото издавање во секоја смисла. Тоа ни беше потврда дека сме на вистинскиот пат. Нe поттикна да бидеме упорни во промовирањето на концептот на трејд-магазините, надевајќи се дека и останатите компании наскоро ќе ја разберат неопходноста од неговото постоење и бенефитите што можат да ги извлечат од него. InStore е магазин кој се издава во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Македонија, со планови за понатамошно ширење во регионот. Синергијата што се добива со работењето на пет редакции, целосно посветени на квалитетот на содржините на InStore е неспорна и очигледна.

Бизнис Инфо: Нема одење напред без промени. Во која насока планирате да се движи и да се развива Кликер Маркетинг во иднина?

Моите колеги знаат дека јас често доаѓам на работа со некоја „генијална“ идеја. Нормално, поголемиот дел од нив остануваат нереализирани од различни причини, но мислам дека тоа сепак го поттикнува ентузијазмот и кај мене и кај вработените. Би рекла дека максимата „патот кон успехот е посладок од самиот успех“ е апсолутно точна. Верувам дека нe чекаат уште многу соништа и, се надевам, неколку успешни реализации.

Бизнис Инфо: Кои се клучните придобивки за Вас од посетата на обуките во ЦЕЕД?

ЦЕЕД ми даде одговор на многу прашања, потврда на многу убедувања и отвори многу теми кои допрва ќе треба да ги проучувам. Разговорите и размената на искуства со многу професионалци од различни сфери, суптилно помагаат секој од учесниците да ја процени фазата на развој во која се наоѓа, да утврди кои квалитети треба да ги усовршува и да ги преиспита своите проекции за идните потфати.