Општина Пехчево ќе добие сто илјади долари од USAID како прва општина во Македонија што има усвоено Стратегија за климатските промени, за да стане 100% енергетски ефикасна општина.
“Во соработка со повеќе невладини организации и здруженија на граѓани Општина Пехчево има дефинирано над 70 проекти, што ќе се реализираат до 2020 година, а секој проект ќе придонесе да се намалат ефектите од климатските промени на подрачјето на нашава општина“, изјави градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, пренесува Миа.
Во рамките на проектот што е потпомогнат од USAID и Милеуконтакт на повеќе граѓани од Пехчево им се поделени садници од брзорастечки дрвја, таканаречени мини фабрики за кислород. Тие во споредба со другите шумски и декоративни дрвца за време на вегетацијата ослободуваат пет пати повеќе кислород.
Покрај Пехчево, Виница е втора општина во Брегалничкиот регион која има изработено стратегија за климатските промени.
Главна цел на овие развојни документи е да се влијае на подигањето на свеста кај населението за последиците од климатските промени, глобално, во Македонија и поконкретно во локалните средини.