Пикник на добри компании во Градскиот парк

20

Print

Пикник на добри компании е закажан за утре (20.04) со почеток во 10 часот како продолжение на активностите на првиот Форум на добри компании, Companies Doing Good Forum, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и Скопје Мериот Хотел.

“Соработката меѓу бизнис секторот и граѓанските организации е одличен модел за постигнување на позитивни промени во општеството, како што можеме да видиме и од денешниот Пикник на добри компании. Корпоративно – општествената одговорност е добар пример за тоа како грижата за животната средина и за вработените е исто така поволна и за самата компанија и затоа овој концепт заслужува поголемо внимание од сите чинители“, изјави Амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. г. Ваутер Пломп.

Во рамки на Пикникот ќе бидат засадени 70 дрвја кои ги обезбеди Скопје Мериот Хотел заедно со холандската компанија Еуропеан плантс од Тетово, а секое од нив ќе го носи името на компанијата/организацијата  – учесник на  минатогодишниот форум, како физички отпечаток на определбата да бидат дел од промената што сакаат да ја видат во општеството.

“Какви отпечатоци оставаме со своето делување како компании, како здруженија, како поединци? Каков е нашиот општествен импакт? Денеска, со оваа иницијатива зад себе оставаме позитивни отпечатоци во природата и ваквиот приод треба да нѐ води и кога станува збор за односот кон вработените и кон пазарот, кон вложувањето во заедницата, како и во однос на етичкото управување“, рече извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик, Климентина Илијевски.

Дел од Пикникот ќе бидат претставници на општествено одговорни компании, а заедно со нив дрвца ќе засадат и претставници на граѓанскиот и на јавниот сектор, на парцела која што ја обезбеди Град Скопје. Кетерингот за настанот го обезбеди Скопје Мериот Хотел.

“Инвестирање во заедницата е сржта на нашата стратегија за корпоративна општествена одговорност Spirit to Serve, којашто ја прави нашата култура подинамична, нашиот бизнис посилен, а светот подобро место за живеење. За да ја поддржиме оваа заложба кон животната средина и да одиграме значајна улога во заштитата на климата, Скопје Мериот Хотел одлучи да го ‘раззелени настанот Форум на собри компании преку садење дрвја. Верувам дека ова ќе стане добра традиција бидејќи заедно сме подобри и можеме да направиме уште поголема разлика во заедницата во текот на целата година“, изјави генералниот менаџер на Скопје Мериот Хотел, Дирк Влирбум.

Следниот Форум на добри компании кој е информативен, интерактивен и ангажирачки настан кој има за цел да востанови долгорочно партнерство помеѓу ентитетите коишто можат да активираат позитивни промени во општеството, е закажан за втори ноември 2017 година.