По искористувањето на третата, Македонија ќе ја добие и четвртата транша од ЕИБ

3

Македонија ќе ја добие четвртата транша од кредитот од Европската инвестициска банка (ЕИБ) веднаш по целосното искористување на третата транша, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
“Договорот за четвртата транша во вредност од 100 милиони евра е потпишан кон крајот на минатата година. По целосното искористување на третата транша ќе се отпочне со користење на средствата од четврата транша”, изјави Пешевски.
Тој посочи дека е задоволителен од степенот на искористеност на кредитот од Европската инвестициска банка.
“Првата транша од 100 милиони евра, како и втората од 50 милона евра се целосно искористени, а од третата транша од 50 милиони евра се искористени 95%. Од неа останува да се искористат уште неколку милиони евра за кои веќе има поднесени барања”, прецизира Пешевски.
Нагласи дека кредитната линија од Европската инвестициска банка им помогна на фирмите, особено во годините на економска криза да дојдат до евтини средства.
“Сите компании кои имаа квалитетни проекти или се соочуваа со мала ликвидност или, пак, имаа недостиг на средства за проширување на капацитетите ги искористија средствата од оваа кредитна линија што помогна да се ублажат ефектите од кризата. Владата субвенционираше еден добар дел од каматата, која сега е фиксна и изнесува 5,5%”, рече Пешевски.