Поддршка од 17,5 милиони денари од Тинекс за повеќе проекти за развој на заедницата

28

Благодарение на платформата на Тинекс, Тинекс, ти и јас, оваа година добија поддршка здравството, социјално загрозените категории и разни манифестации. Преку продажба на биоразградливи кеси во маркетите на Тинекс беа собрани средства во вредност од 17,5 милиони денари.

“Платформата почна од почетокот на годинава, а поддршка добија Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, Клиниката за гинекологија, Клиниката за детски болести и Клиниката за максилофацијална хирургија, беше обезбедена храна за жителите од планинските села отсечени поради врнежите од снег, храна за децата од социјално загрозени семејства згрижени во училишниот интернат Гоце Делчев”, рече генералниот извршен директор на Тинекс, Кристина Тодоровиќ-Николиќ на денешната прес-конференција.

Не изостана поддршката за културата и уметноста и спортските манифестации. Исто така, по повод новогодишните празници беше организиран и караван кој помина низ 11 градови во Македонија и додели над 1.500 пакетчиња во 25 училишта и установи за згрижување на деца со посебни потреби и на ранливи групи.

Со цел проектите за развој на заедницата да бидат поефикасни, формиран е и Одбор за општествена одговорност, на чии членови Венко Андоновски, Јован Донев и Владимир Чадиковски им беа доделени благодарници.

Како што рече Тодоровиќ-Николиќ, платформата Тинекс, ти и јас продолжува и во наредната година, а ќе бидат вложени и дополнителни напори да се зголемат средствата.