Поевтинува парното

18

За 0,19% се намалува цената на парното греење што го обезбедува Балкан Енерџи Груп (БЕГ), а за 0,86% парното на ЕЛЕМ енергетика. Надоместокот за греење од Скопје – Север останува ист како лани, пишува Миа.

Според директорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Димитар Петров, цената се намалува и за исклучените потрошувачи, за 0,75%.

Во претстојната грејна сезона корисниците на БЕГ бесплатно ќе добијат плус еден час греење односно, наместо од 6 до 21 часот ќе имаат парно од 6 до 22 часот.

Новина е и тоа што за евентуално порано почнување на грејната сезона, репер ќе бидат прогнозите на УХМР, а не како досега реалното мерење на температурата два дена однапред.

“Парното ќе се вклучува пред грејна сезона ако просекот од прогнозите на УХМР покаже дека температурата ќе биде 12 степени“, објасни директорот на РКЕ.

Според одлуката на Комисијата, за градинките, основните и средните училишта кои се под Балкан Енерџи Груп цената на парното ќе се намали за 14,45%. Елем енергетика, пак, просечната цена ја намалува за 0,86% со тоа што корисниците кои плаќаат по мерач добиваат намалување за 4%, а за оние што плаќаат по метар квадратен цената се зголемува 1%.