Вкупно 54% од компаниите во Германија сакаат работата од дома да стане трајно решение, покажуваат податоците од истражувањето на Институтот за економски истражувања од Минхен (IFO – Institute for economic researches).
“Кризата од коронавирусот би можела да биде поттик за трајно работење од дома“, вели Оливер Фалк, коавтор на истражувањето.
Податоците на IFO покажуваат дека три четвртини од компаниите во Германија постигнаа договор со дел од своите вработени да работат од дома, како решение за кризата, пренесува Танјуг.
Истражувањето што беше спроведено меѓу членовите на LinkedIn во Германија покажува дека скоро половина од испитаниците во овој момент работат од дома, поради пандемијата.
“За многу компании овој нов работен ангажман подразбира значителни вложувања во дигитална инфраструктура и нова технологија за комуникација. Целосното враќање на стариот начин на работа е помалку веројатно“, смета Фалк.
Според податоците, 56% од вработените во Германија имаат можност да работат од дома, додека пред пандемијата оваа можност ја имаа само половина од нив.
“Знаеме дека недостатокот од социјален контакт, којшто го има кај работата од дома, на долг рок може да претставува проблем и дигиталниот свет не ги овозможува сите аспекти на креативна размена или пренос на знаења и идеи. Затоа, веројатно ќе преовлада некој комбиниран модел, што подразбира работа во компанијата и работа од дома. На тој начин, се здружуваат предностите што ги има автономијата и флексибилноста на работата од дома со предностите што вработените ги добиваат преку социјални контакти на работното место“, вели Жан Виктор Алипур, коавтор на истражувањето.
Фото: Freepik











