Помалку магистри и доктори на науки во 2020 година

52

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година, звањето доктор на науки го стекнале 174 лица што претставува намалување за 14,7% во споредба со 2019 година.

Најголем број од лицата докторирале во областа на општествените науки, 40,8%, потоа на медицинските науки докторирале 27%, следат хуманистичките науки со 13,8%, а останатите лица докторирале во областа на техничко – технолошките науки, природно-математичките науки и биотехничките науки.

Бројот на жени што одбраниле докторска дисертација во текот на 2020 година изнесува 99 што претставува 56,9% од вкупниот број лица што докторирале во 2020 година.

Од вкупниот број докторирани лица, најголем процент, 24,1%, својата професија ја вршат во образовната дејност.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.758 лица од кои 1.533 или 87,2% се магистри и 225 или 12,8% се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2019 годинa, е намален за 8,2%.

Учеството на жените магистри во вкупниот број на лица кои стекнале научен степен магистер на науки, во 2020 година изнесува 58,2%.

Во 2020 година, најголем број од магистерските трудови, 967 или 63%, се од областа на општествените науки, 22% се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

Фото: Pexels