
За многу странски туристи, Скопје е еден од најнеобичните градови во Европа. Наместо по историски знаменитости, културно наследство или препознатлива архитектонска автентичност, македонската престолнина често се доживува како град кој својот туристички имиџ го гради врз казина, обложувалници и десетици споменици. Прошетката низ центарот на Скопје нуди необична слика, огромни статуи, фонтани, неокласични фасади, триумфални порти и објекти кои потсетуваат на различни историски периоди, поставени еден до друг без јасна архитектонска целина. За дел од посетителите, оваа мешавина создава впечаток на градска сценографија која повеќе наликува на тематски парк отколку на европска метропола.
Во исто време, речиси на секој чекор можат да се забележат казина, автомат клубови и обложувалници. Светлечките реклами и понудата за игри на среќа се меѓу првите работи што ги забележуваат туристите кои пристигнуваат во градот. Токму поради ова, некои посетители го споредуваат Скопје со Лас Вегас, не поради неговата големина или луксуз, туку поради впечатокот дека забавата и коцкањето се меѓу главните туристички адути.
Критичарите сметаат дека ваквиот модел создава привид на атрактивност преку визуелен ефект и масовна продукција на споменици, наместо преку развој на културни содржини, музеи, уредени јавни простори и современи туристички атракции. Според нив, голем дел од новиот изглед на центарот претставува симбол на урбан кич – архитектура која се обидува да импресионира со големина и раскош, но често на сметка на автентичноста.
Љупчо Јаневски, туристички експерт и поранешен директор на Агенцијата за туризам, вели дека туристичките перцепции секогаш се субјективни до одреден степен, но истовремено можат да бидат доволно релевантни и објективни кога се анализираат низ призмата на пораките и сликата што еден град ја испраќа кон светот. Вкусот не може да се измери со прецизни параметри, па затоа различни посетители ќе имаат различни впечатоци за истиот простор.
-Ако Скопје се споредува со Лас Вегас, важно е да се разбере дека успешните градови не се препознатливи само по својата архитектура или туристичка понуда, туку по јасно изграден идентитет. Лас Вегас го има своето препознатливо мото „Што се случува во Вегас, останува во Вегас“, Њујорк е „Големото јаболко“, а Белград често се брендира како „градот што никогаш не спие“. Сите овие градови со години граделе уникатен стил, енергија и урбана култура што привлекува уметници, млади луѓе, креативци и авангардни движења кои оставаат траен белег. Скопје некогаш имаше препознатлив и автентичен идентитет. Градот беше познат по својата модерна архитектура, бруталистичкото наследство по земјотресот, богатата културна сцена, живиот ноќен живот, зеленилото, маалската култура и внимателно планираните булеварски решенија. Токму тие елементи создаваа чувство на уникатност и препознатливост, смета Јаневски.
Тој смета дека начинот на кој туристите го доживуваат Скопје во голема мера зависи од тоа како ние самите го претставуваме градот.
И додека за едни Скопје останува пример за изгубен урбан идентитет, за други туристичка атракција која буди љубопитност. Но едно е сигурно дека Скопје засега останува балкански Лас Вегас изграден со многу коцкарници, споменици и кич, пишува Локално.мк
Фото: Pixabay














