Поради лажирање и проневера се затвора австриска банка

230

Австриската банка Commerzialbank Mattersburg доби налог веднаш да запре со работа поради лажирање на финансиски извештаи и проневера.

“Не се ни размислува за продолжување на работа на банката. Банката мора да се ликвидира“, изјави претседателот на австриската покраина Бургенланд, Петер Доскоцил.

Директорот на регионалната банка во покраината Бургеланд, Мартин Пухер по првото сослушување поднесе оставка и поднесе пријава против самиот себе.

Засега не може да се процени висината на штетата, а Институцијата за надзор на финансискиот пазар (ФМА) соопшти дека ситуацијата е “драматична”. ФМА наведе дека влоговите до 100.000 евра по лице се осигурани и до таа сума граѓаните не треба да стравуваат за своите пари.

При проверка на банката откриена е тешка малверзација, бидејќи со години биле “фризирани“ финансиските извештаи. За да спречи навала од граѓаните, ФМА нареди затворање на девет филијали и централата.

Од затворањето на банките најтешко се погодени регионалните компании и општините кои имале во неа жиро сметки.

Фото: Freepik