Пораст на индустриското производство во февруари

19

Индустриското производство во февруари, во однос на истиот период претходната година, е зголемено за 15,2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2016 година, во однос на февруари 2015 година, бележи пораст од 7,9%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 19%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 10,5%.

Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2016 година, во однос на февруари 2015 година, бележи пораст кај Енергија за 0,4%, Интермедијарни производи, освен енергија за 12,6%, Капитални производи за 54,4% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,5%, додека опаѓање бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка за 18%.

Индустриското производство во периодот јануари – февруари 2016 година, во однос на периодот јануари – февруари 2015 година, е зголемен за 11,7%.