Пораст на индустриското производство во март

24

Индустриското производство во март оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемен за 8,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2016 година, во однос на март 2015 година, бележи опаѓање од 7,5%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 15,4%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14,2%.

Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на облека, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и уреди,
неспомнати на друго место, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во март 2016 година, во однос на март 2015 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 3,2%, Капитални производи за 63,6% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,4%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 19,9% и кај Трајни производи за широка потрошувачка за 26,8%.

Индустриското производство во периодот јануари – март 2016 година, во однос на периодот јануари – март 2015 година, е зголемено за 10,7%.