Последен ден за поднесување барање за отпис на долгови

14

Граѓани од ранливите категории до денеска имаат можност да поднесат барање за отпис на долговите до центрите за социјална работа, најдоцна до 16,30 часот.

Заклучно со петокот за отпис на долгови се поднесени вкупно 36.369 барања.

Поднесувањето барања за отпис на долговите започна на 18 август. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барања може да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.