Потпишан договор за 26,2 милиони евра од Светска банка за олеснување на трговија и транспорт на Западен Балкан

19

Со 26,2 милиони евра од Светска банка ќе се подобрува инфраструктурата, модернизираат институциите и зајакне нивната соработка, со цел олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, стои во соопштението.

Денеска беше потпишан договор помеѓу Министерството за финансии и Светска банка за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Ова е регионален проект, во којшто покрај нашата земја, во првата фаза ќе се вклучат и Србија и Албанија, додека во втората фаза и  Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски на потпишувањето истакна дека целта на проектот е да се намалат трошоците за извоз и увоз и да се скрати времето за прекугранична трговија.

“Проценката на Светска банка е дека со реализацијата на проектот, ќе се намалат трошоците за извоз и за увоз во регионот за околу 10%. Сето ова ќе придонесе за унапредување на трговската размена, како и за повисок економски раст во регионот“, рече Тевдовски.

Тој посочи дека проектот има четири компоненти: Олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, Подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, Подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и Поддршка за спроведување на проектот.

Во однос на првата компонента Тевдовски најави дека преку неа ќе се спроведе концептот за Single Window, што значи на едно место да се извршат сите процедури за извоз и увоз, како и целосна дигитализација на процесот. Тој, исто така, најави дека со средства од проектот ќе се надградат и прошират царинските премини Ќафасан и Деве Баир.

Директорот на Светска банка за Северна Македонија Марко Мантованели рече дека застоите на граничните премини на Западен Балкан се пет пати подолги во однос на многу ЕУ земји. Тој истакна дека ако трошоците за логистика се изедначат со ЕУ просекот, годишните заштеди би надминале и 1,1 милијарда долари или 1% од БДП во регионот.

“Иако извезената стока од Западен Балкан влегува во ЕУ без царина, само 10 до 20 отсто од фирмите во регионот се извозници. Согласно процедурите, вклучувајќи ги инспекциите и царините, времето поминато на патиштата и премините ja поттиснува ефикасноста, ги зголемува трошоците и го спречува развојот на трговијата“, вели Мантованели.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека преку втората компонента Подобрување на ефикасноста и предвидливоста на транспортот се обезбедува поддршка за развој на Интелегентен транспортен систем на дел од Коридорот 10, преку набавка и инсталирање на систем за собирање на податоци за сообраќајот, контрола на висината на возилата кои пристапуваат кон автопатот, систем за собирање за временските сулови долж трасата на автопатот како и систем за детектирање на транспорт на опасни материјали. Тој исто така истакна дека ќе се обезбеди и техничка помош околу подготовката на домашните прописи за системот за интелегентен транспорт во согласност со соодветните директиви на Европската унија.

Заменик министерот за економија Кире Наумов во однос на третата компонента чија цел е подобрување на пазарниот пристап и зголемување на инвестициите, ја потенцираше важноста на техничката помош на Проектот за имплементација на регулаторните и институционални реформи соодветни на исполнувањата на обврските за либерализација во трговијата со услугите.

“Посебно би сакал да ја истакнам улогата на овој проект не само за бизнис секторот како учесници, секако покрај надлежните царински и сите други институции инволвирани во регулаторната и оперативна функција, туку и неговото значење во однос на нови инвестиции во земјата и регионот. За нас како членка на ЦЕФТА особено е значајна неговата функција за олеснување во вклучувањето во глобалните ланци на снабдување и вредности, преку можноста за зголемување на бројот на мали и средни претпријатија и нивниот олеснет пристап на меѓународните пазари“, рече Наумов.

Инаку Проектот за олеснување на транспортот и трговијата на Западен Балкан е дел од четиригодишната рамка за соработка на земјава со Светска банка.Условите за заемот се исклучително поволни. Рокот на отплата е 12 години со вклучен грејс период од 4 години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон од 0,85. Ова значи дека сега каматата изнесува 0,6%.