Потпишан договорот за набавка на нови гарнитури за патнички возови

26

Договор за набавка на нови четири дизел моторни гарнитури и две електромоторни гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај потпишаа денеска Владата и кинеската корпорација CSR.

Првите гарнитури треба да стигнат идното лето. Нивниот капацитет е околу 1.200 патници, целосно ќе бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност.

Инвестицијата за овој проект е 25 милиони евра, а средствата ќе бидат обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Дополнително, со 15 милиони евра почна набавка и на товарни вагони, а со уште 10 милиони евра ќе се рехабилитираат гарнитури на постојни возови за и тие да се оспособат, така што вкупната инвестиција за обнова на целиот возен парк на МЖ Транспорт е 50 милиони евра.

“Инвестицискиот циклус во следните четири години ќе изнесува над 250 милиони евра. Со оваа голема инвестиција целосно ќе се трансформира и ќе се модернизира македонскиот железнички сообраќај. Железницата не само што е најекономичен начин на транспорт и превоз, туку и најпријатен, лично мене ми е најомилен начин на превоз“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Заменик – претседателот на корпорација CSR, Шу Цонгшијанг, се заблагодари за довербата од Владата и рече дека ќе ја оправдаат со исполнување на договорот. CSR произведува и сервисира локомотиви и вагони за патници и за товар, мотори за возила и возила за градски превоз и соодветни компоненти, а ја има произведено и првата електрична локомотива во Кина.

“Во 2013 година компанијата постигна приход од 16 милијарди американски долари и потпиша странски договори во износ од 2,2 милијарди долари. Досега нашата компанија има снабдено производи и сервиси во над 80 земји во светот. Во Македонија потпишуваме прв договор и е многу важна иницијативата на македонската влада да го подобри јавниот транспорт. Ветувам целосно исполнување на договорот и јас лично постојано ќе внимавам на спроведувањето на овој проект, ветувам дека ќе ја оправдаме довербата и ќе понудиме супериорен квалитет и сервис“, рече Цонгшијанг.